„Еуродрам“ ги соопшти најдобрите драмски преводи на македонски јазик

Европската мрежа за современа драма и превод „Еуродрам“ ги соопшти резултатите од изборот на најдобри преводи на драмски дела на европско ниво за 2021 година, меѓу кои се и три преводи на македонски јазик. Меѓу 343 пријавени преводи од цела Европа, наградени се македонските преведувачи Атанас Вангелов, Катица Гароска Ацевска и Благоја Бошковски.

Македонскиот комитет на „Еуродрам“ разгледал вкупно девет предложени преводи, од кои како најдобри се избрани: „Праведници“ од Албер Ками, во превод од француски јазик на Атанас Вангелов; „Од сабајле не сум запрел“ од Уна Визек, во превод од хрватски јазик на Катица Гароска Ацевска; и „Диши“ од Данкан Мeкмилан, во превод од англиски јазик на Благојa Бошковски. Исто така, меѓу најдобрите од два други јазични комитети се најдоа и преводите на две драми од македонски автори: „Изгубени Германци“ од Дејан Дуковски, во превод на босански/ црногорски/ српски/ хрватски од Лука Сушиќ и „Така било пишано“ од Сашко Насев во превод на украински од Ана Багрјана. Наградените преводи ќе бидат споделени во мрежата на „Еуродрам“, а доколку условите дозволуваат, ќе бидат претставени преку јавни читања во 2021 година.

Мрежата „Еуродрам“ опфаќа повеќе од 300 членови организирани во 29 јазични комитети, меѓу кои е и Македонскиот комитет. Главна цел на мрежата е да го поттикне преводот на современи драмски дела од Европа, Централна Азија и Медитеранот, правејќи ги достапни за театарските професионалци и публиката, во духот на независноста, рамноправноста и јазичната разновидност.

Членови на Македонскиот комитет на „Еуродрам“ се: Катерина Коцевска, актерка, драмска писателка и директорка на Драмски театар од Скопје; Фроса Пејоска-Бушеро, преведувачка и професорка на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации во Париз; Александар Зицман, преведувач и предавач на Катедрата за славистика на Универзитетот во Виена; и Иван Додовски, театролог, писател и професор по критичка теорија и литература на Универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 75, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 3-4 април 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот