ЕУ „заробена држава“ од „три червени“

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Можат политичарите да се однесуваат воздржано пред јавноста, но јавноста не мора да биде воздржана од фактот дека Македонија очигледно поради противењето на Бугарија нема да добие даутм за преговори и нема да стане членка на ЕУ. И со тоа треба што поскоро да се помириме. Ние ќе си останеме Македонци, ќе си говориме македонски јазик, Гоце ќе си остане наш, ама со Бугарите пријатели нема да станеме. Нема што да глумиме дека сме си мили, кога очигледно од почетокот тие знаеле што ни подготвуваат.
Оттаму Ниту Заев ниту Димитров веќе нема потреба да се преправаат дека се големи пријатели со Бојко Борисов и со Захариева, зашто тие и онака веројатно ќе си заминат од бугарската политичката сцена на следните избори.
Но последиците од нив ќе останат. Така што грешките од проширувањето на ЕУ во 2007, кога во свое друштво ја прими Бугарија ги плаќа Македонија сега. Но последиците ќе ги трпи и самата Унија, која очегледно во некоја смисла станува „заробена држава“ на сопствените принципи и на хировите на Бугарија која ги злоупотребува.
ЕУ сега личи на една немоќна стара баба која може само немо да посматра како една нејзина палава членка и ги урива принципие кои таа ги градеше со децении. Кој по ова ќе и верува на Унијата дека е темел на европските вредности по кои таа се раководи, а ги бара и како услов од сите кои скаат да и се придружат!
Но очигледно наместо темелната Ангела Меркел или бунтовниот Макрон сега лекции по европски критериуми држи Бугарката Екатерина Захариева. Со ветото кон Македонија Бугарија ја става Унијата во слугинска улога бидејќи претходно речиси едногласно сите се сложија на Македонија да и дадат „пасс“ во декември. Захариева, и не само таа, личните (бугарски) фрустрации ги европеизираше, ставајќи им ги стави во скут на сите оние кои таа иста Бугарија ја „извлекоа“ од времето кога во таа земја најприсутен критерииум беа „три червени“, кое Захариева веројатно добро го памети. Ако пак заборавила, ќе ја потсетат значителен број Македонци чии презимиња завршуваат на „ов“, а не се Бугари.
Имено критериумот „добрососедски односи“ при приемот на нови членки на Унијата од „услов без кој не се може“, станаа „ултиматум со кој се се може“. Но само еднонасочно. Затоа што тој критериум е алатка која можат да ја користат само земјите членки, а не и земјите кандидати за членство во Унијата. А држави како Бугарија можат да ја злоуптребуваат оваа синтагма до степен на негирање на цела нација како услов за членство во Унијата. Ако ЕУ се сообразува со ваквите извитоперувања на критеримот кој го поставила, тогаш нејзините принципи за демократија и слобода на самоопределување се contardictio in adjecto. Тогаш или таа лажела, или некој во нејзино лаже.
Но можеби токму однесувањето на Бугарија е причина поради која ЕУ се покајала што во 2007 продолжила со проширувањето, па за да го запре, почна да измислува и применува се потешки критеримуи за членство, за на крајот со предлогот на Франција и да го ревидираат целиот процес, кој де факто станува невозможен.
Оттаму нека си ја чуваат Европјаните Бугарија во кој „круг на Макрон“ сакаат, но Берлинскиот процес нека го укинат зашто тој нема да вреди ни пет пари од утре.
А Балканот! Балканот има свои мани, но и предности. Та нели сме врата и брана на Европа!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот