ЕУ залудно го поддржува Западен Балкан, кога реформите тапкаат во место, вели Европскиот суд на ревизори

неукрасено скопје
Скопје, 16 декември 2021Ф / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Дејствувањето на Европската унија има мало влијание во унапредувањето на основните реформи на владеењето на правото на Западен Балкан, оценува специјалниот извештај на Европскиот суд на ревизори (ЕСР).

Според извештајот, во регионот се случуваат одредени технички и оперативни реформи, но во контекст на недоволната политичка волја и неангажираноста, поддршката на ЕУ главно е недоволна за справување со постојаните проблеми во области, како што се независноста на судството, концентрацијата на моќта, политичкото мешање и корупцијата, велат ревизорите.

Според Јухан Партс, член на Европскиот суд на ревизори одговорен за извештајот, поддршката на ЕУ за владеењето на правото на Западен Балкан очигледно не e успешна во донесувањето целосна промена.

– Скромниот напредок постигнат во изминативе 20 години ѝ се заканува на целосната одржливост на поддршката на ЕУ што се дава во согласност со процесот на пристапување. Постојаните реформи го губат кредибилитетот ако не се остварат опипливи резултати, порача Партс.

За да се одговори зошто напредокот не е како посакуваниот или очекуваниот, Партс на брифингот со медиуми, посочи дека е потребно да се разбере контекстот и да се пристапи кон специјално кроени реформи за секоја земја. – Важен елемент е прозорецот на можности. Тоа значи дека желбата за клучни реформи не трае вечно и доколку не се завршат во разумно време, тогаш почнува да се чувствува замор од реформи и реформските напори почнуваат да опаѓаат. Ова сметам дека е случајот со Западен Балкан, изјави Партс.

Реалноста, нагласи тој , е дека сите индикатори во последните пет-шест години остануваат стабилни или назадуваат и речиси нема напредок во регионот, со исклучок на некои помали сектори во некои земји.

Одговарајќи на новинарско прашање од МИА за позицијата на нашата земја во извештајот, Партс вели дека Северна Македонија во некои индикатори покажува одреден напредок во последните пет години, но проблемот е доколку се комбинираат сите тие индикатори, кои ја даваат пошироката и пообјективна слика за владеењето на правото, тогаш земјата не може да се посочи како пример за напредок.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот