ЕУ треба веднаш да ги почне преговорите со С. Македонија и Албанија, порача грчкиот министер Дендиас од Скопје

Фото: МИА

Грција работи засилено за обезбедување на мирот, безбедноста и стабилноста на регионот. Верувам дека единствениот пат за да се постигнат тие цели претставува јасна и целосна поддршка на европската перспектива на Западниот Балкан. Сигурни сме и длабоко веруваме дека преговорите со Северна Македонија и Албанија треба да почнат веднаш, изјави попладнево шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Дендиас нагласи дека јасно даваат поддршка за европската перспектива на Северна Македонија и оти неговата посета на Скопје е за да покаже оти се „заедно со нас по патот кон Европа”.

– Сметаме дека сме ваш близок сојузник, ќе дадеме соодветни напори да се унапредат односите меѓу нашите земји на билатерално ниво и тоа се поддржува и од Акцискиот план кој е усвоен на првиот највисок Совет за соработка, рече Дендиас, потенцирајќи дека Грција е насочена кон верно и правилно спроведување на Договорот од Преспа.

Најави дека има голем интерес на голема грчка компанија да инвестира во Северна Македонија, а се однесува на станица за производство на електрична енергија, инвестиција вредна 200 милиони евра.

– Ме радува фактот дека нашата економија соработува се поблиску и посилно, а веќе сме ги допреле нивоата пред пандемијата и тоа за нас е големо задоволство да слушнеме дека грчката инвестиција е на многу високо ниво во вашата земја, посочи Дендиас.

Според министерот Османи, европската перпсектива на регионот е прашање од безбедносен интерес и за нас и за Европа.

– Стартот на преговорите со Северна Македонија и Албанија е најдобриот начин да се врати еворпскиот кредибилитет во регионот, и во оваа насока ме радува што ја имаме целосната поддршка на Грција, нагласи Османи.

Руската инвазија во Украина, пак, смета министерот, покажа дека на регионот му е потребна дополнителна инвестиција во отпорноста од закани. Како НАТО сојузници, вели Османи, имаме обврска да се грижиме за регионалната стабилност и имаме координиран пристап и во интерес и на регионот и на Европа.

Тој потенцира дека Северна Македонија и Грција се земји кои се добри соседи и ги градат своите меѓусебни односи создавајќи предуслови за трајно прјателство.

– Тоа претставува добар модел со кој земјите од регионот можат да придонесат за да инвестираат во регионалната и европската стабилност. Ме радуваат податоците за економска соработка. Минатата, 2021 година вкупната размена надмина 934 милиони евра, со што размената го постигна предпандемиското ниво. Податоците за првиот квартал оваа година надминуваат 350 милиони евра што укажува дека оваа година треба да очекуваме меѓусебната размена да надмине една милијарда евра. Грција е со бројни инвестиции и очекувам нагорниот тренд да се зголеми, рече Османи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот