ЕУ секоја година ќе наградува по една општина за имплементација на зелената агенда

Никола Димитров и Дејвид Гир
Фото: „Слободен печат“

„Не постои резервна планета“ е слоганот на новата кампања „ЕУ со ТЕБЕ“ фокусирана на Европскиот зелен договор, што ја промовираа шефот на Делегацијата на Европската Унија во државава Дејвид Гир и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.

Целта на кампањата е да ја подигне свеста за Европскиот зелен договор и неговата клучна цел – да достигне нето нула емисии на стакленички гасови до 2050 година, со што Европа ќе стане првиот климатски неутрален континент.

Македонија се обврза да работи кон оваа цел за 2050 година заедно со Европската Унија преку Зелената агенда за Западен Балкан, одобрена од лидерите на земјите од Западен Балкан на Самитот на Берлинскиот процес во Софија во 2020 година. Кампањата повикува на силна политичка посветеност и итна акција на сите нивоа бидејќи времето истекува.

– Од следната година Европската Унија ќе наградува по една општина која што ќе покаже најголем напредок во однос на примена на одредбите од Европскиот зелен договор. Климатската промена не може да биде третирана преку мали  иницијативи, туку сеопфатна ангажираност  на национално и локално ниво, рече Гир.

Тој потсети и дека ЕУ е најголем донатор и финансиер на проекти во општините за спроведување на проекти за намалување на климатските  промени, а нагласи дека го помагаат и спроведувањето на централно греење.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров рече дека „ниту ЕУ ниту ние нема да се справиме со ова прашање ако не ги постигнеме европските стандарди“.

– Процесот  на проширување е процес на комплетирање на Европа. Ниту ЕУ ниту ние нема да се справиме со ова прашање ако не ги постигнеме европските стандарди. ЕУ е нашиот најголем донатор и поддржувач. Да ја направиме Eвропа првиот климатски неутрален континент. Тоа ќе го постигнеме преку ефективно практикување на зелената агенда, од која ќе произлезат нови зелени работни места.  Ние сме последна генерација може нешто да направи во врска со климатските промени, нагласи Димитров.

Тој додаде дека најголем дел од извештајот на комисијата се однесува на зелената агенда и одржлива поврзаност, декарбонизација, циркуларна економија одржливо земјоделство и храна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот