ЕУ разочарана поради непродолжувањето на примирјето во Јемен

Јемен / Фото: Архива

Европската Унија, преку својата дипломатска служба, изрази разочараност поради неспособноста да се почитува понатаму примирјето во Јемен.

Примирјето договорено помеѓу Хутите и јеменската влада требаше да биде продолжено за дополнителни шест месеци, по предлог на Обединетите Нации и нивниот претставник Ханс Грундберг. Но двете страни не успеаја да се договорат и се обвинуваат меѓусебно.

Според Европската Унија „максималистичките позиции” не ја „олеснија задачата” на претставникот на ОН.

-Ова примирје испорача многу опипливи бенефити за милиони Јеменци и предлогот на Специјалниот претставник на ОН, Х.Грундберг нуди можност за значајно зголемување на неговиот импакт, вклучително и исплаќањето на плати за функционерите, дополнителни летови од и кон Санаа, непречени испораки на нафта преку пристаништето Худаја и повторно отворање на патот околу Таез, стои во реакцијата на Европската Унија, која повторува дека ова ќе имаше позитивни последици за животот на милиони граѓани на Јемен.

Унијата ги повика Хутите да „покажат вистинска заложба за мир” и да настапат со умерени барања, како и да се посветат на дијалог со претставникот на Обединетите Нации.

-Одбивањето на овој предлог е стратешка грешка, ова не е тоа што Јеменците го сакаат и заслужуваат, оцени ОН.

Војната во Јемен помеѓу владата и бунтовничката група на Хутите започна во 2014 година кога Хутите, со поддршка на Иран, го зазедоа главниот град Санаа и голем дел од северот на Јемен. Јеменската Влада од своја страна има поддршка од Саудиска Арабија која ја снабдува со воена опрема.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот