ЕУ поделена околу забраната за руски туристи

Фото: илустрација / Alessandro RAMPAZZO / AFP / Profimedia

Украинскиот претседател Володомир Зеленски постојано го повторува барањето до ЕУ да го забранат влезот на руските туристи, кој засега не доби некој конкретен одговор, во главно поради поделеноста која постои кај земјите-членки на ЕУ за ова прашање.

Некои земји чии граници се блиску до оние на ЕУ веќе воведоа забрана за издавање на визи за Русите, но засега Европската унија нема конкретен одговор за оваа проблематика.

„Поголем број Руси ја поддржуваат агресијата, се радуваат на гранатирањата на нашите градови и на убивањето на Украинците. Штом е така, оставете им на Русите да си уживаат во Русија“ изјави министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба.

Дмитро Кулеба
Дмитро Кулеба, министер за надворешни работи на Украина / Фото: EPA-EFE/TOMS KALNINS

Зеленски за „Вашингтон пост“ изјави дека Западот треба да ги затвори своите граници за Русите и дека тие треба „да живеат во својот свет, додека не ја променат својата филозофија“.

Кремљ остро реагираше на ваквите барања на Зеленски и нив ги оцени како „провокаторски“.

Поддршка од Балтикот

Источните земји-членки на ЕУ како Латвија, Литванија и Полска веднаш по руската инвазија во февруари го запреа издавањето на визи за Русите, потсетува „Еурактив“.

Естонија дури отиде и чекор понапред, забранувајќи го влезот за Русите кои веќе имале визи и од претходно.

Финска, која има најдолга граница со Русија, од први септември ќе го намали бројот на туристички визи за Русите на само 10 %. Земјата досега издаваше илјада визи за Русите дневно.

Ваквите мерки би имале големо влијание за руските туристи. Поради санкциите кои ги воведе ЕУ за прекин на летовите од Русија, Русите мораат да патуваат до Финска само со автомобили или автобуси и на тој начин да стигнат до останатите европски земји.

Руските туристи користат шенген визи кои вообичаено важат во 26 земји на ЕУ и соседните земји, вклучувајќи ги Швајцарија и Норвешка. Визите обично дозволуваат престој до 90 дена во период од 180 дена.

Знамиња на Европската унија / Фото: МИА

Тие 26 земји добија околу три милиони барања за шенген виза минатата година.

Русите ја сочинуваа најголемата група на баратели на вакви визи, со 536.000 од нив, при што беа одбиени само три проценти од нивните апликации.

Естонија сака да се променат правилата на ЕУ за да ѝ се овозможи да ги запре Русите со шенген визи без оглед на тоа која земја од ЕУ ги издала.

Санкциите на ЕУ бараат едногласност меѓу сите 27 земји-членки, а на последните средби каде се разговараше за ваквите санкции, мораше да се говори и за приговорите, особено за оние на Унгарија.

Чешка – која претседава со ЕУ – зазеде неутрален став. Оттаму велат дека „издавањето визи за руските туристи во време на агресија е несоодветно“, но вели дека не поддржува целосна забрана.

Прага вели дека сака да продолжи да им дозволува влез на руски новинари и други цивили кои се плашат од прогон.

Таа одредба за азил е генерално прифатена од земјите во корист на забраната за туристичка виза, вклучително и Украина.

„Казнете го Кремљ, не Русите“

Германија и Португалија сметаат дека целосната забрана на ЕУ за туристички визи е штетна кога станува збор за Русите кои не се согласуваат со Кремљ и се обидуваат да ја напуштат својата земја.

Во февруари, ЕУ ги ограничи визите во одредени категории за Русите поврзани со Кремљ, вклучително и за службеници, иматели на дипломатски пасоши и шефови на компании. Но, туристичките визи сè уште беа дозволени.

Грција и Шведска не заземаа јавен став по ова прашање, а Данска соопшти дека сака да види европски консензус пред да одлучи.

Европската комисија призна дека се водат дискусии за да се види дали може да се постигне „координиран пристап“.

Оттаму нагласија на потребата за хуманитарен пристап за дисидентите Руси и дека апликациите за визи треба да се оценуваат индивидуално, а не според целосно правило.

Комесарката за внатрешни работи на ЕУ, Илва Јохансон, треба да ги посети Финска и Латвија на почетокот на септември за да разговара за ова прашање со тамошните власти.

Видео на денот