„ЕУ Обсервер“: Западен Балкан – едно од жариштата на криминалот на прагот на ЕУ

Косовска полиција Косово Приштина
Косовска полиција / Фото: EPA-EFE/VALDRIN XHEMAJ

Западен Балкан, Турција, а од неодамна и Дубаи, се жаришта на организираниот криминал во близина на Европската унија и омилените живеалишта на криминалците од ЕУ од каде тие ги водат своите нелегални бизниси, се вели во внатрешните документи на Унијата до кои пристигна порталот „ЕУ Опсервер“.

Во документите кои ги прикажуваат активностите на организираните криминални групи во ЕУ, или поврзани со ЕУ, Западен Балкан посебно се споменува како рута за трговија со дрога, но и како дел од „балканскиот картел“ кој управува со шверцот на кокаин, како седиште на шверцери на мигранти и извор на многу нелегално огнено оружје, користено од криминални банди во ЕУ.

Документот насловен „Оперативен план 2022 против високоризичните криминални мрежи“ го составиле официјални лица во Советот на ЕУ, врз основа на информациите на Европол и го дистрибуирале до земјите-членки непосредно пред разговорите за борба против криминалот.

Во него се вели дека полицијата од девет членки на ЕУ, Норвешка, Швајцарија и Соединетите американски држави спровеле заедничка операција за „лоцирање и екстрадиција на такви недопирливи иселени криминалци и конфискација на нивниот имот“.

– Знаеме дека голем број многу барани лица ги дизајнираат и спроведуваат нивните криминални активности додека престојуваат во тие земји (Дубаи и Турција) кои се особено привлечни за европските иселенички криминалци, се вели во меморандумот.

– Покрај центрите за шверц во ЕУ, Дубаи се етаблира како клучна локација за главните организатори на перење пари, поврзани со трговијата со кокаин во ЕУ, се вели во друг внатрешен меморандум на Унијата, подготвен на 14 ноември.

Според документот, полицијата на Европската унија се обидува да постигне договор со властите на Дубаи за контрола на сомнителни бродски контејнери од Пакистан, Иран и Авганистан, кои минуваат низ тамошното пристаниште на пат кон европските дестинации.

Во документот се предупредува дека доаѓањето на талибанците на власт во Авганистан значи дека може да се очекува уште поинтензивна трговија со дрога во ЕУ.

– Значајното зголемување на производството на хероин, првенствено во Авганистан, со себе носи и зголемување на шверцерските активности кон ЕУ, се вели во документот.

Во документите се наведува и дека производството на метамфетамин „брзо расте“ во Авганистан и дека „новата политичка ситуација во Авганистан ќе бара од европските полициски служби да посветат посебно внимание на производството на метамфетамин од растението ефедра“.

Како и да е, Турција останува главната транзитна рута за шверц на дрога кон ЕУ, по балканската и јужнокавкаската рута.

– Украина, Белорусија и Азербејџан се користат за локации каде се складира хероин наменет за ЕУ, велат европските претставници.

Тие, исто така, ја истакнаа заедничката полициска операција на ЕУ, САД и Колумбија против „глобалната закана на балканскиот картел“, составен главно од „граѓани на Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Словенија и Србија“.

– Увозот на кокаин од Јужна Америка во ЕУ, а потоа неговата понатамошна дистрибуција на европскиот нарко-пазар се основни криминални активности на тие организирани криминални мрежи, како и придружни форми на криминал, како што се убиства и насилство поврзано со банди, корупција. и перење пари, се вели во извештајот на ЕУ.

Во документот Западен Балкан се споменува и како извор на нелегално огнено оружје. Прецизирано е дека „рачните гранати кои нелегално се шверцуваат и се користат во некои земји од ЕУ, по правило, потекнуваат од Босна и Херцеговина и од други земји од Западен Балкан“.

Покрај тоа, криминалните банди кои зборуваат албански „сексуално експлоатираат жртви (трговија со луѓе) ​​низ Европа, особено од Косово во Белгија, Германија, Грција, Италија, Холандија, Северна Македонија, Норвешка, Швајцарија и Британија“.

Во документот, исто така, Турција и Западен Балкан се наведени како центри за шверц на мигранти, кои се во дослух со банди од Белорусија, Грузија, Русија и Украина.

Документите, сепак, покажуваат дека целокупната слика за криминалните активности во ЕУ е далеку посложена.

– Природата на организираниот криминал е навистина глобална, а припадници на повеќе од 180 различни националности се вклучени во сериозен и организиран криминал во ЕУ, се вели во документот.

Се додава дека луѓето од Јужна Америка, меѓу кои има и државјани на Бразил, Колумбија и Мексико, сѐ повеќе се вклучени во трговијата со кокаин во ЕУ. Кокаинот од Боливија, Колумбија и Перу главно се шверцува во ЕУ преку Бразил и Еквадор, но и Аргентина, Чиле, Парагвај, Уругвај и Венецуела.

Криминалните групи составени од Виетнамци главно се вклучени во шверц на таблети МДМА и трговија со луѓе.

Потеклото на жртвите на трговија со луѓе е, исто така, глобално, а сексуалната експлоатација на жртвите на трговија со луѓе е присутна кај сите земји-членки на ЕУ, се вели во документите.

Загрижувачки е фактот што во некои земји-членки на ЕУ има зголемување на нивото на насилство поврзано со трговијата со канабис, како и што е зголемен бројот на насилни инциденти поврзани со трговија со кокаин.

Во моментов, според официјални претставници на ЕУ, италијанската Ндрангета и сицилијанската мафија се „најмоќните криминални групи формирани според мафијашкиот или семејниот модел“ и тие имаат членови кои се „населени и активни во многу земји на ЕУ и трети земји“.

Нивните активности се состојат „првенствено од меѓународна трговија и перење пари од големи размери преку отворање нови бизниси“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот