ЕУ: Нема компромис околу заштитата на новинарите

Фото: EPA-EFE/KHALED ELFIQI

Шефот на дипломатијата на Европската Унија (ЕУ), Жозеп Борел и потпретседателката на Европската комисија Вера Јурова се заложија за одбрана на слободата на изразување и информирање и казнување на одговорните за злосторства, за насилство и за заплашување на новинари.

Тие ги повикаа државите да ги изведат пред лицето на правдата одговорните за злосторства против новинари и рекоа дека ЕУ секогаш ќе ја брани слободата на изразување и ќе ги штити новинарите.

– Ова не е нешто за што можеме или сакаме да правиме компромис, потенцираа Борел и Јурова по повод 2 ноември, Меѓународниот ден за крај на неказнивоста за злосторствата извршени против новинари.

Во име на ЕУ, Борел и Јурова потенцираа дека новинарите играат основна улога во функционирањето на демократиите, придржувањето кон одговорност на оние кои се на власт и во обезбедувањето на навремени и фактички информации.

– Новинарите ширум светот се соочуваат со заплашување, со насилство или со злоупотреба, честопати ставајќи го својот живот во опасност. Вознемирувачки е што неказнивоста за злоупотреби и злосторства врз новинари и медиумски работници е сè уште раширена низ целиот свет, достигнувајќи 90 проценти од случаите во некои земји, се вели во извештајот на УНЕСКО за 2019 година, се вели во соопштението.

Борел и Јурова потенцираат дека ЕУ е посветена на подобрување на работната средина за новинарите, нивната заштита и безбедност преку проекти како што е платформата за мапирање на слободата на медиумите што помага да се следат заканите по слободата на медиумите во ЕУ и земјите кандидати за членство и Акцискиот план за европска демократија.

– Во нашите односи со други земји, секогаш сме биле јасни за клучната улога на неограничените медиуми и граѓанското општество и потребата да се заштитат бранителите на човековите права, од кои многумина се новинари. Делегациите на ЕУ ширум светот присуствуваат и внимателно ги следат судските случаи во кои се вклучени новинари, помагајќи да се идентификуваат оние случаи на кои им треба посебно внимание, се заклучува во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот