ЕУ наместо ѕидови, да изгради пат за Западен Балкан

Самит на Западен Балкан, Фото: Влада

Народите во регионот сакаат да бидат дел од Европската Унија и потребно е да се придвижи динамиката за пристапување на Западен Балкан во ЕУ. Унијата, и покрај внатрешните превирања, треба да ги исполни своите ветувања и одговорности кон регионот, а во спротивно и самата ќе биде губитник. Ова се главните пораки што вчера ги испратија учесниците на Самитот на Западен Балкан што по вторпат го организира лондонски „Економист“, на кој во фокусот се постпандемиското закрепнување на регионот, иднината на односите ЕУ-Западен Балкан и отворените прашања меѓу Македонија и Бугарија.

Поранешниот германски вицеканцелар, шеф на дипломатијата Јошка Фишер, рече дека Западниот Балкан припаѓа во Европа, но ЕУ во моментов е во многу сложена ситуација, соочена со предизвици како Полска и Унгарија, брегзит, Северна Ирска и сето тоа го блокира процесот на проширување.

– Но, мора да се размислува геополитички за тоа што ќе се случи во едно ривалство, можеби и конфликт меѓу двете суперсили во 21 век, САД и Кина. Која би била нашата улога? Одговорот е на едно теоретско ниво, а тоа е стратегиска автономија. Можам да им препорачам на државите во регионот да ги решаваат овие прашања не само во Брисел, туку и во Париз и Берлин. Тоа значи да се создаде долгорочен стабилен поредок, мир и просперитет во Западниот Балкан. ЕУ е одговорна за нејзиното непосредно соседство, но регионот е повеќе од соседство, тоа е дел од Европа и тоа треба да се разгледува како можност за нов почеток на проширување – порача Фишер.

Тој порача и дека колку подобро работат земјите кандидати дома, толку полесно може да ги убедат Европејците да се продолжи со пристапниот процес.

Поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу во видеообраќањето потсети на Самитот ЕУ- Западен Балкан во Солун во 2003 година и тогашната јасна порака до регионот за неговата европерспектива и укажа дека сега перцепцијата на многумина е дека процесот забавил.

– За прашањето за проширувањето на ЕУ, не треба да се обвинува Западен Балкан. Се зборува за земји како Унгарија и Полска, кои имаат тргнато по погрешен пат, но кој е виновен за тоа и дали ЕУ го реформираше процесот на преговарање врз основа на демократскиот развој или не – изјави Папандреу.

Тој рече дека Република Северна Македонија направи многу жртви и политички компромиси со цел да оди напред.

– Но, ние не сме подготвени да им дадеме ниту датум. Тоа е голема одговорност за ЕУ. Западен Балкан секогаш имал визија за заедничка соработка и за унапредување на демократијата. На земјите мора да им се кажат прецизни датуми и да се постави патоказ за нивниот напредок кон ЕУ. Унијата мора да направи чекор и да преземе одговорност за иднината на регионот – рече Папандреу, додавајќи дека Унијата не може да гради ѕидови околу себе.

Евроамбасадорот Дејвид Гир истакна дека на Самитот во Словенија е потврдено дека членството на Западен Балкан во ЕУ е споделен стратегиски избор.

– Многу е важно да отпочнат преговорите за пристапување со Северна Македонија и со Албанија, затоа што и двете земји ги испорачаа реформите и ЕУ е посветена на ова од март 2020 година. Во интерес на ЕУ е да возврати според очекувањата. Мора да работиме на остварување на овие цели, најбрзо што е можно – изјави Гир.

Според вицeпремиерот за европски прашања Никола Димитров, мирниот политички поредок на регионот е тесно поврзан со европската интеграција.

– Oбединетиот Балкан е единствено можен доколку имаме функционален процес на европска интеграција и потцртани и повторени ветувања, како оние дадени во Солун. Она што недостасува освен јасната политичка порака е дејствување, акција на терен – рече Димитров.

Според косовскиот премиер Албин Курти, важна е заедничката соработка и јакнењето на институциите, ослободени од криминал и корупција, за што се потребни функционални реформи и владеење на правото. Вицепремиерот на Црна Гора Дритан Абазовиќ се согласи дека корупцијата и организираниот криминал се генераторот на голем број негативности во регионот и нагласи дека нема да имаме професионални и независни институции доколку не се бориме против негативните фактори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот