ЕУ може да ги замрзне средствата за Унгарија и Полска

Јоханес Хан
Јоханес Хан / Фото: EPA-EFE/VIRGINIA MAYO / POOL

Европската комисија би можела да предложи замрзнување на структурните фондови на Европската унија за Унгарија и Полска поради загриженоста за владеењето на правото пред унгарските парламентарни избори на 3 април, изјави во вторникот комесарот за буџет Јоханес Хан, пренесува Ројтерс.

„Мораме да дејствуваме според упатствата и правилата и не можеме да ги гледаме датумите на изборите“, им рече Хан на новинарите, на прашањето за времето на дејствување на извршната власт на ЕУ.

Полска и Унгарија се спротивставија на новата регулатива на ЕУ што го поврзува исплатувањето на средствата од долгорочниот буџет на блокот од 27 земји со почитување на владеењето на правото.

Законот, кој е во сила од почетокот на 2021 година, и дава моќ на Комисијата во битките за демократските вредности со националистичките и евроскептичните влади во двете земји, откако долгогодишниот дипломатски притисок не даде резултати.

Замрзнати грантови

Комисијата веќе одделно замрзна милијарди евра грантови за Будимпешта и Варшава од нејзиниот фонд за закрепнување по пандемијата, наведувајќи ја истата загриженост и сега.

Комисијата верува дека и двете земји не ги исполнуваат основните стандарди на ЕУ – затоа што полското судство повеќе не е независно и затоа што откри дека голем дел од парите на ЕУ што се користат за јавни набавки во Унгарија одат за добавувачи поврзани со владејачката партија Фидес. И двете работи значат дека фондовите на ЕУ може да се трошат неправилно.

Во ноември минатата година, Комисијата побара од двете влади да разјаснат како планираат да ги решат нејзините грижи.

Хан рече дека Комисијата не добила одговор од Полска до крајниот рок во понеделник и сега ќе испрати потсетник. Унгарија има рок до вечерва на полноќ.

Двете земји ја оспорија регулативата пред највисокиот суд на ЕУ и пресудата се очекува во февруари. Доколку судот застане на страната на својот генерален адвокат, кој минатата година препорача отфрлање на предизвикот, Комисијата ќе може слободно да дејствува.

Официјални претставници на ЕУ рекоа дека не очекуваат полските и унгарските одговори да отворат нов предмет бидејќи нема законски измени во ниту една земја за да се реши загриженоста на ЕУ.

Доколку Комисијата не е задоволна од одговорите, ќе има рок од еден месец да го подготви својот предлог за замрзнување на парите од ЕУ за Полска и Унгарија, а владите на ЕУ потоа ќе имаат рок од еден месец да го одобрат со квалификувано мнозинство гласови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот