ЕУ ќе продолжи со правниот спор против Унгарија и покрај најавата за референдум

Унгарија забранува ЛГБТИ содржини / Фото: ATTILA KISBENEDEK / AFP / Profimedia

Брисел стои на својот став да почне правна постапка против Унгарија во врска со новиот закон за кој критичарите велат дека ги дискриминира ЛГБТ луѓето, јави Еуроњуз.

Законот, официјално наречен Закон за заштита на децата, има наведена цел да се заштити благосостојбата на децата и да се бори против педофилијата.

Но, Европската комисија не се согласува и месецов почна правна постапка против Будимпешта. Потоа, на почетокот на оваа недела, унгарскиот премиер Виктор Орбан соопшти дека ќе одржи референдум за контроверзниот закон. Но, Брисел соопшти дека на гласањето гледа како на „внатрешна постапка” и ќе продолжи со правниот спор.

– Утврдивме дека Унгарија не успеа да објасни зошто изложеноста на децата на ЛГБТК содржина како таква би била штетна за нивната благосостојба или не е во согласност со најдобриот интерес на детето, изјави Тим Мекфи, портпарол на Европската комисија и додаде дека „тие ги дискриминираат луѓето врз основа на нивната сексуална ориентација”.

Новиот унгарски закон забранува или ограничува пристап до содржина што промовира или прикажува промена на полот или хомосексуалност. Три од петте референдумски прашања ќе бидат во врска со промовирање на операција за промена на полот кај децата.

Референдумот ќе се одржи подоцна оваа година или на почетокот на следната, пред парламентарните избори во Унгарија во април.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот