ЕУ ја потсетува Босна и Херцеговина за поддршката во борбата против ковид-19
Министерката за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Бисера Турковиќ, денеска во Брисел се сретна со шефот на ЕУ дипломатијата, Јосеп Борел, каде станало збор и за пандемијата.
Министерката неодамна ја критикуваше Европската Унија и богатите земји поради тоа што не испорачале сè уште вакцини во Босна и Херцеговина преку механизмот Ковакс.
Од кабинетот на Борел преку соопштение изјавија дека тој „потсетил на грантот од 70 милиони на ЕУ за западниот Балкан што е ставен на располагање преку Европската Комисија”. Двајцата разговарале за механизмот Ковакс, но освен потсетување дека ЕУ е „најголем контрибутор”, со 2,2 милијарди евра, не се споменува извоз или рок на вакцини кон Босна во соопштението од кабинетот на високиот претставник за надворешна политика.
Борел и Турковиќ разговарале и за ситуацијата со бегалците во Босна и Херцеговина.
-Тој ја нагласи потребата за воведување одржлив систем за миграција и азил со пофер поделба на одговорностите ширум земјата.
Сараево доби охрабрување од Брисел да ги „надмине наследствата од минатото” и да „напредува од Дејтон кон Брисел”.