ЕУ и популистите зад аголот

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

Потребно е солидарно заедничко позајмување или популистите ќе ја преземат иницијативата и ќе победат. Со вакво предупредување Макрон се заложи за формирање фонд со европски заеми, со цел да се надминат последиците од корона-кризата. Новите несогласици во Унијата го зголемуваат ризикот од понатамошни уште поизразени разидувања, со јакнење на десничарскиот популизам, антимигрантските партии и агресивна ЕУ-критика.

Ефектот од корона-кризата врз ЕУ е очигледен. Во каква насока се движи европската соработка? Кон повеќе интеграција или, пак, треба да се очекува дека и други членки ќе истапат со свои „егзит“ планови за напуштање, по Велика Британија? Со колкава енергија ќе продолжи да се развива процесот на проширување со прием на нови членки, пред сè балканските држави? Или можеби идниот развој ќе се одвива според визиите на францускиот претседател Емануел Макрон – една поделена Унија со групи земји што се интегрираат со различни брзини?

Веќе присутните разидувања меѓу европските соседи уште повеќе се заострија. Но и пред корона-кризата, на ЕУ не ѝ недостигаа сериозни проблеми, почнувајќи од развлечените мачни брегзит-преговори и пополнувањето на големата буџетска дупка по излегувањето на Британците, па сѐ до жолчните несогласувања поради спротивставените позиции околу прифаќањето на бегалците и мигрантите.

Прашањето како Европа на најдобар начин ќе може да се извлече од кризата по завршувањето на епидемијата на коронавирусот, сè повеќе добива на тежина. Според францускиот претседател, за разлика од некои други што застапуваат мислења дека ЕУ секогаш излегува посилна од кризите, корона-кризата, всушност, претставува егзистенцијална криза за Унијата. Потребно е солидарно заедничко позајмување или популистите ќе ја преземат иницијативата и ќе победат. Со вакво предупредување Макрон се заложи за формирање фонд со европски заеми, со цел да се надминат последиците од корона-кризата. Новите несогласици во Унијата го зголемуваат ризикот од понатамошни уште поизразени разидувања, со јакнење на десничарскиот популизам, антимигрантските партии и агресивна ЕУ-критика.

Многумина сега предупредуваат дека ова е решавачки миг за ЕУ. Но, прашање е дали предлозите што сега се заговараат за заеднички солидарен пристап, ќе бидат доволно солидарни за земјите во Јужна Европа, кои имаат послаба економија и кои се најсилно погодени од избувнувањето на корона-кризата.

Справувањето со последиците од економската криза предизвикана од епидемијата, ќе биде централна тема деновиве на ЕУ-самитот, при што европските лидери ќе се обидат да постигнат согласност околу план за економско заздравување. Се чини дека се неподелени мислењата оти овој самит може да биде и решавачки за иднината на целата ЕУ, најмногу поради можностите да се донесе одлука за план за економско заздравување што ќе се потпира врз европска солидарност. А токму недостигот од солидарност меѓу ЕУ-членките и затворањето во сопствениот национален егоизам беше проследено со остри критики поради одбивањето да се помогне со заштитна медицинска опрема на најпогодените земји од вирусната зараза.

Досега ЕУ и земјите членки воведоа кризни мерки со издвојување 3.400 милијарди евра, но таа речиси фантастична сума е наменета најмногу за справување со акутната криза. Повеќе пари се неопходни за јакнење на економијата на долгорочна основа. Прашање е како тоа ќе се финансира. Европската комисија се залага седумгодишниот буџет на Унијата да претставува стартен капитал во планот за економско заздравување. Еден вид нов Маршалов план за Европа, како што минатата недела во Европскиот парламент рече претседателката на Европската комисија, Урсула ван дер Лајен.

Тоа што Европската комисија го предлага е стимулирање на економијата од европскиот буџет, преку заеми што би можеле да бидат гарантирани заеднички. Значи, еден вид заедничко позајмување, иако тоа воопшто не би било во форма на заеднички еврообврзници, како што бараа членките од Јужна Европа, пред сè Италија и Шпанија. Богатите членки не покажаа подготвеност да ги поделат долговите преку обврзници, иако сега доаѓа и нешто поблага порака од најмоќната ЕУ-членка, Германија. Канцеларката Ангела Меркел смета дека би можело да се прифати заем за поддршка што ќе се потпира врз гаранции од други членки на Унијата.

Се разбира, ќе биде интересно да се види каква ќе биде пресудата на избирачите кога корона-кризата ќе заврши и кога секојдневието постепено ќе се нормализира. Тогаш ќе се покажува со прстот кон оние влади што се ангажирале премногу, или пак премалку, и воедно направиле погрешни работи. Сосема е јасно дека опозицијата ќе ја искористи максимално таквата ситуација, посебно доколку се продлабочи проблемот со масовната невработеност и социјалниот немир. Тогаш популистите и десничарските националисти ќе ја искористат можноста да ги истурат своите позиции, зборувајќи за посилни национални држави и настапувајќи со отпор против ЕУ и меѓународната соработка. И тоа токму во моментот кога ќе биде потребна уште посилна соработка, заеднички мерки и ЕУ која стои силна против авторитарните режими.

Што се однесува до Македонија, за очекување е дека со попуштањето на корона-кризата и наближувањето на изборите, темата на ЕУ-членството повторно ќе пополнува значаен дел од медиумскиот простор. Заев одново почна да потенцира дека „со два клучни стратешки приоритети, членството во НАТО и одлуката за преговори со ЕУ, со сите економски резултати од изминатите две и пол години, СДСМ е фаворит на изборите“. Од своја страна Мицкоски зборува за некаква замислена „брза лента“ на која ВМРО-ДПМНЕ ќе ја ставеле Македонија по победата на изборите за да го забрзаат доближувањето кон евроинтеграциите. Ветувања, умерени и неумерени, секако нема да недостасуваат.

Во меѓувреме останува да се види како овој пат ќе реагираат кризните рефлекси на ЕУ. Затворени граници и влади што се грижат само за своите земји, не би требало да стане правило во заедничките кризи. А и ЕУ-проширувањето, се разбира, е заеднички проект.

До наредниот пат, оти и во иднина секако ќе има кризи, на ЕУ-лидерите повторно им останува да ја усвојат старата вистина – дека сите минуваат низ исти проблеми и дека сите седат во ист брод.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот