ЕУ и ја презеде работата на Кина на пругата Белград-Северна Македонија

По најавата од Брисел на претседателот Александар Вучиќ за градба на брзата пруга од Белград до Северна Македонија, која ќе биде финасирана од ЕУ преку бесповратни средства од 700 милиони евра, српските медиуми и аналитичари деновиве пишуваат за овој проект за кој Вучиќ кажа дека е „една од најважните работи што ќе ги постигне за време на неговиот мандат”, јави дописникот на МИА од Белград.

Белградска Политика оцени дека ЕУ остварила бод предност пред Кина со нудењето 700 милиони евра неповратни пари за финансирање на реновирањето и изградбата на брзата пруга од Белград до Ниш.

-Со пониската цена, таа стана поконкурентна и ги исфрли Кинезите кои веќе влегоа во овој бизнис. Остана уште еден играч, американскиот ДФЦ, кој најави дека ќе учествува во финансирањето на делот од железничката пруга од Ниш кон Северна Македонија, што беше договорено со Вашингтонскиот договорот, пишува Политика.

Во анализата се наведува да не треба да се заборави дека железничкиот проект помеѓу Белград и Ниш од 240 километри, е меѓу клучните иницијативи препознати како дел од Економско-инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан, кој предвидува девет милијарди евра неповратни пари. ЕУ учествуваше во финансирањето на изработката на проектната документација за оваа железница, за брзини од 160 километри на час, а ЕБОР и ЕИБ беа заинтересирани да ја финансираат.

-Очигледно, ние добро се справивме со интересот на Кина, Америка и Европа во меѓународна политичка смисла и ги охрабривме сите учесници да ја подобрат понудата, изјави Слободан Аќимовиќ, професот на Економски факултет во Белград.

Љубодраг Савиќ, професор на истиот факултет, оцени дека овде станува збор за геополитичка работа.

-Не знаеме дали тоа е на ниво на изјава или сериозна намера на ЕУ. Ова нема многу врска со Србија. Тоа е геополитичка работа што се случува во Србија, каде што Европа повеќе не може со скрстени раце и затворени очи мирно да ја гледа кинеската офанзива на Балканот – нагласува Савиќ.

Тој смета дека не треба да има преклопувања на работите на делот од пругата помеѓу Ниш и Прешево, туку дека тоа е договор меѓу Европа и Америка.

-Кога беше потпишан Вашингтонскиот договор, Трамп беше на власт и немаше најдобра комуникација и координација меѓу Брисел и Вашингтон. Со доаѓањето на Бајден на власт, Брисел ги координира своите активности со Вашингтон. ЕУ досега го спроведуваше ова на отворен начин и не очекувам овој процес да биде нетранспарентен во однос на тендерските постапки. Сепак, ова е само начелен договор и треба да бидеме трпеливи кога станува збор за условите под кои ќе се финансира, кој ќе гради, кога ќе бидат објавени тендерите и слично – оцени Страхиња Суботиќ, програмски менаџер во Центарот за Европска политика.

За порталот еКапија денес потврдија од Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура дека „идната пруга од Белград до Северна Македонија, очигледно, нема да вклучува изградба на целосно нова траса до Велика Плана, како што беше претходно планирано, туку пругите преку Младеновац ќе се удвојат.”

-Техничката студија предвидува употреба на постојната железничка рута и најголем број станици би останале на постојните локации – изјавија од ова министерство и додаваат дека пругите низ Младеновац ќе бидат дуплирани.

Варијантата 4, која ја најави Вучиќ предвидува неколку опции во врска со максимално дозволената брзина на движењето на возовите, кажаа од ресорното министерство.

-Варијантата 4 предвидува реализација на брзина на возот до 200 км / ч на линијата од Белград до Ниш, со исклучок на делови од пругата за која се проценува дека проектната брзина би довело до значително зголемување на инвестициите, главно поради локалните ограничувања-железничките станици во градовите, а најголемиот број станици би останале на постојните локации – посочуваат од министрството за градежништво, транспорт и инфраструктура.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот