По три дена, Брисел ги осуди „шокантните акти на политичко насилство“ во Бразил

Фото: Profimedia

Високиот претставник за надворешна политика Жозеп Борел во име на Европската унија ги осуди „шокантните акти на политичко насилство и неприфатливиот напад врз демократијата” во Бразил и изрази солидарност со бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва и бразилските институции во одбрана на демократијата.

Тој ги поздрави напорите да се истражат одговорните за нападите врз бразилската демократија и за вандалските дејствија врз јавниот имот и историското национално наследство.

ЕУ во соопштение потсетува дека остварувањето на демократските права и слободи мора да се одвива со почитување на Уставот и на демократски избраните институции.

„Политичките разлики не можат да оправдаат кривични дела или да ги доведат во прашање резултатите од демократските избори. ЕУ ја повторува својата доверба во бразилската демократија и силата на нејзините институции. Нашето верување е дека ќе го надминат насилството и екстремизмот„, се вели во соопштението.

ЕУ наведува дека ќе работи со новоформираната бразилска Влада за зајакнување на „заемно корисното стратешко партнерство” и се радува на продлабочување на односите со Бразил во одбраната и промовирањето на демократијата, владеењето на правото и човековите права.

„Исто така, со нетрпение очекуваме да ја унапредиме нашата заедничка работа во корист на инклузивен, фер и одржлив развој, како и во други области од заемен интерес. Во остварувањето на овие цели, ЕУ е подготвена да го зајакне својот ангажман со бразилските власти и дополнително да ја поддржи улогата на граѓанското општество“, соопшти Службата за надворешни работи на ЕУ.

Инаку Врховниот суд во Бразил нареди апсење на шефот на јавната безбедност во главниот град Бразилија, откако приврзаниците на поранешниот претседател Жаир Болсонаро упаднаа во владините згради.

Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва и претседателите на Конгресот и Врховниот суд денеска го оценија како „терористички чин” упадот на приврзаниците на екстремната десница во државните институции во Бразил.

Болсонаро замина во Флорида и остави хаос на улиците во Бразил, се чека одлука на Бајден

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот