ЕУ-гето и Македонија

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

Илузија е да се верува дека мултикултурализмот, колку и да е како поим збунувачки и повеќезначен, само по себе претставува причина за неуспешна или, пак, успешна интеграција. Правата што ги уживаат малцинствата се надоврзуваат врз нивните неоспорни обврски во однос на мнозинскиот дел на општеството. Во спротивно, Македонија во ЕУ нема да даде придонес за отстранување на гетата, туку ќе ги внесе таму и сопствените.

По влезот во НАТО, сега и ЕУ ги отвори вратите прифаќајќи ја „нашата посебност како Македонци кои говорат македонски јазик и како мултикултурна држава“, рече премиерот Ковачевски во своето илинденско обраќање. Премиерот е уверен дека Македонија, врз основа на својот мултикултурализам, се прифаќа и како земја што „може да придонесе во развојот на интегративниот концепт на европската идеја“.

Прашањето за успешна интеграција во општеството и приспособување на малцинските групи, со соодветно признавање на етничките, верските и културните разлики, и тоа во услови што произлегуваат од начелата на либералните демократии и почитувањето на индивидуалните слободи, се следи со нагласено внимание пошироко во Европа. Но, на искуствата во однос на оваа чувствителна проблематика се гледа мошне различно.

„Мултикултурализмот целосно пропадна“, изјави пред повеќе од една деценија поранешната германска канцеларка Ангела Меркел. Тоа наиде на големо внимание во меѓународната јавност и уште повеќе ја заостри спротивставената дебата, при што критичарите сметаа дека Меркел лови во матни води, додека противниците на миграциите и мешањето на култури ги дочекаа нејзините зборови како поддршка на сопствените ставови. Подоцна се слушаа толкувања дека Меркел, всушност, не се обидела да ја разгори дебатата околу интеграцијата и миграциите од „други културни кругови“, туку се обидувала да ја смири и да внесе поконструктивни погледи.

„Не треба да бидеме земја што во меѓународната јавност ќе остава впечаток дека оној што веднаш не зборува германски не е добредојден овде“, укажуваше Меркел, свесна сепак и за реалното незадоволство раширено меѓу обичните граѓани и избирачи. Се разбира, да се зборува германски, независно дали некој се родил или се доселил во Германија, и понатаму останува приоритет во однос на политиките за успешна интеграција во германското општество. Поинакви сигнали во јавноста не испраќа ни социјалдемократот Олаф Шолц, по шеснаесетгодишното владеење на ЦДУ. Јазикот е основниот амалгам што го поврзува функционалното општество.
Но, на изјавата на Меркел не се потсетуваме само како на празно ехо, чија употребна вредност е потрошена во даден момент. Мултикултурализмот и интеграцијата постојано добиваат нови димензии, што континуирано ги брануваат духовите и внесуваат нови порции жестина во тековната дебата.

Во Данска неодамна е најавено интензивирање на реформските зафати чија цел е во земјата да нема никакви „гета“ или „паралелни општества“ по 2030 година , особено во големите градови. Околу тоа се согласни и социјалдемократите на премиерката Мете Фредриксен и опозицијата. Оваа амбициозна цел е, всушност, продолжување на реформите започнати пред неколку години, со кои во Парламентот во Копенхаген беше усвоен т.н. „гето-закон“, или „гето-пакет“, како збирно име за повеќе закони за да се спречи криминалот и сегрегацијата во Данска. Според тие закони, посебно се третираат жителите во сегрегираните градски населби, при што, меѓу другото, децата во населбите означени како „гето“ мора да бидат запишани во градинка од едногодишна возраст и да бидат одвоени од своите родители најмалку 25 часа неделно, најмногу заради учење на данскиот јазик и да добијат образование за „данските вредности“.

Данската влада, во своите заложби за забрзување на интеграцијата во општеството, ги сортира граѓаните на „западни“ и „незападни“, зависно од нивното потекло. „Незападните“, кои во Данска, според официјалната статистика, изнесуваат околу 9 проценти од вкупното население, ќе мора да се преселуваат кога станбените подрачја во сегрегираните квартови ќе бидат урнати, а потоа ќе бидат изградени нови згради со поскапи станови, за кои се очекува дека во поголем обем ќе можат да ги купуваат граѓаните класификувани како „западни“ (во кои се вбројуваат оние со потекло од западните земји, но и од сите членки на ЕУ).

На таков начин во Данска ќе се менува етничката слика на „гетото“. Очекувањата се дека значајно ќе се намалуваат проблемите поврзани со учењето на данскиот јазик, подобрувањето на образовното ниво, невработеноста и криминалот. Без оглед што критичарите во ваквите заложби гледаат етничка дискриминација и заговарање „државен расизам“, данската влада продолжува со своите планови да ја ефективизира интеграцијата во општеството со чистење на „гетата“.

И во Шведска, посебно сега во пресрет на парламентарните избори што ќе се одржат во септември, се заговараат, иако сѐ уште мошне претпазливо, слични мерки. Министерот за интеграција Андрес Игеман деновиве предизвика жестока дебата изјавувајќи дека би било пожелно бројноста, како што тој рече, на „ненордиски“ жители да не ја преминува границата од 50 отсто во сегрегираните населби. Причините за тоа се исти како и во Данска. Пред сѐ, познавањето на шведскиот јазик, образованието, невработеноста и порастот на криминалот. Нешто помалку од 25 отсто од вкупното население во Шведска се припадници на малцинствата и на разни доселенички групи, меѓу кои се и Македонците.

„Интегративниот концепт на европската идеја“ наидува на сериозни пречки. Но како ќе се одвиваат напорите за отстранување на гетоизираните подрачја во ЕУ, останува да се види. Во колкава мера во тој контекст би можела да придонесе Македонија, се разбира е дискутабилно прашање. Развојот на „паралелно општество“ не може да се спречи со постојано зацврстување на етничко-партиската и (дво)јазична исклучивост во политичкото управување со општеството. Тоа всушност само ја потхранува веќе продлабочената гетоизирана свест, чиј врвен резултат се дури и слободниот, несанкциониран јавен настап на некои министри во (двојазичната) влада, кои имаат сериозни тешкотии да комуницираат на мнозинскиот македонски јазик.

Мал е бројот на појмовните дистинкции што се еднакво значајни за актуелната политичка дебата, како таа со која се прави разлика меѓу мултикултурата како државна политика, што би можеле да ја наречеме мултикултурализам, и мултикултурата означена како општествено искуство. Мултикултурализмот во таа смисла треба пред сѐ да ги дефинира идеите за односите меѓу идентитетот, политиката и културната припадност.
Илузија е да се верува дека мултикултурализмот, колку и да е како поим збунувачки и повеќезначен, само по себе претставува причина за неуспешна, или, пак, успешна интеграција. Правата што ги уживаат малцинствата, се надоврзуваат врз нивните неоспорни обврски во однос на мнозинскиот дел на општеството. Во спротивно, Македонија во ЕУ нема да даде придонес за отстранување на гетата, туку ќе ги внесе таму и сопствените.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот