ЕУ фондови како вреќа без дно

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

Критиките главно се сведуваат на проценката „дека тоа што е добро за ЕУ е бесплатно, додека тоа што е лошо е премногу скапо“. Според најновиот предлог, наместо намалување на ЕУ-буџетот, по исчезнувањето на британскиот придонес од 13 проценти, се предлага негово натамошно зголемување.

Околностите обелоденети во медиумските написи за делење на европски пари во Македонија на сомнителен начин, открива само уште една неславна епизода која укажува на индиции за можни злоупотреби и коруптивно однесување. Со овој случај Македонија, всушност, повторно се вбројува во долгата низа европски земји во кои надлежните органи и институции длабоко ги завлекуваат рацете во ЕУ-фондовите, како да станува збор за вреќи без дно.

Делењето на 270.000 евра европски пари од страна на македонската Националната агенција за европски програми, преку наводна злоупотреба на фондови за едукација и доделување грантови на „салон за убавина“ и за обука на коњи и магариња, не би можело а да не се протолкува и како вулгаризирање на идејата за развојните перспективи врз кои се темелат фондовите на Европската унија.

ЕУ има нулта толеранција за проневери со средства од европските фондови. Така обично звучат изјавите на пресконференции по откритијата на злоупотреби на европските придонеси од страна на популистички влади и олигарски во Источна и Централна Европа, што предизвикуваат остри реакции во Брисел.

Во Бугарија, според објавените податоци во „Њујорк тајмс“, 75 проценти од поддршката од Европскиот земјоделски фонд за рурален развој одат на сметката на стотина сопственици на големи земјоделсаки имоти кои имаат блиски врски со владата. Во Унгарија премиерот Орбан овозможува изнајмување на илјадници хектари државно земјиште на свои партиски пријатели и роднини, при што се запоставуваат мали и средни земјоделски стопанства. Во Чешка самиот премиер Бабиш поседува земјоделско претпријатие на кое му беа доделени 42 милиони долари поддршка од ЕУ.

Ова се само неколку примери од кои стануваат јасни инсистирањата финансиската помош за ЕУ-членките кои се најмногу погодени од корона пандемијата да се доведат во врска со почитувањето на начелата на правната држава. Условувањата со можност за стопирање на исплатите на европски пари на земји-членки кои систематски ги поткопуваат принципите на владеење на правото, доаѓаат најмногу од западноевропски земји, пред сè од Шведска, Данска, Финска, Австрија, Холандија, Белгија и Луксембург.

Во основата на таквите инсистирања е сфаќањето дека по излегувањето на Велика Британија, првиот долгорочен ЕУ-буџет од 2021 до 2027 година би требало да претставува одлична можност за намалување на расипништвото и утврдување нови приоритети во европската соработка. Но критичарите укажуваат дека буџетскиот предлог на Европската комисија всушност е директно насочен во спротивната насока.

Критиките главно се сведуваат на проценката „дека тоа што е добро за ЕУ е бесплатно, додека тоа што е лошо е премногу скапо“. Според најновиот предлог, наместо намалување на ЕУ-буџетот, по исчезнувањето на британскиот придонес од 13 проценти, се предлага негово натамошно зголемување. Анализите покажуваат дека директните исплатувања, кои се во висина од 70 отсто од земјоделските буџетски средства на ЕУ, резултираат со намалување на продуктивноста, создаваат звисност од субвенции и не се во согласност со основната намера да се овозможи постигнување на додадена вредност, во споредба со националните земјоделски политики на одделени членки.

Но во овој контекст тежиштето на проблемот делумно се префрла и на просторите на развиената Западна Европа, иако не директно во сферата на проневери и корупција. Исплатите од земјоделскиот буџет се базирани на големината на земјиштето што се поседува, а што е проследено со смешен резултат. Меѓу најголемите корисници на европските пари за поддршка на земјоделието се и аристократски семејства, француски пилешки конгломерати и британската кралска куќа. Токму затоа се вели дека најголемото подрачје на издатоци во ЕУ, односно политиката за поддршка на земјоделието и регионалниот развој, не е ништо друго отколку дупка за голтање пари без дно.

За многумина е правилен чекор тоа што Европската комисија предлага можност земјите-членки да ја изгубат буџетската поддршка доколку не ги почитуваат демократските норми и темелните принципи на владеење на правото. Нема оправдување да се продолжува со финансирање на источноевропските земји во кои се јасно забележливи тенденции во насока на премин кон илиберализам. Но останува да се види дали Европската комисија може да настапи толку категорично и бескомпромисно. Засега ретко се случува земјите-членки да вратат назад европски пари и покрај очигледни докази дека биле злоупотребени. Во прашање е натамошна модернизација на Унијата, која сè уште продолжува да се движи како велосипед во чие тркало од разни страни постојано се уфрла прачка.

За Македонија всушност не постојат некакви резревни можности за да се размислува за можни алтернативи. Европските буџетски средства би можеле да придонесат кон значајно стабилизирање на македонската економија. Оттаму и надежта за скорешно започнување на преговори за членство, и покрај сите „добрососедски“ недоразбирање и проблеми, е и понатаму изразена и голема. Тоа што се очекува од македонската Влада, и околу што има малку простор за компромис и прогледување низ прсти, е засилување на правната држава и ефективизирање на борбата против корупцијата и криминалот.

Образовни програми преку поддршка на „салони за разубавување“ сигурно нема да успеат да ја нашминкаат стварноста со розови бои, кои би можеле да му импонираат на Брисел.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот