ЕУ бара решителна борба против ковид-19 во вториот бран за да се избегне реприза на првиот

Фото: EPA-EFE/FRANCOIS LENOIR / POOL

Еврокомесарката за здравство, Стела Киријакидис денеска побара од земјите-членки да наложат рестриктивни мерки во борбата со вториот бран на ковид-19.

– Во некои земји-членки, ситуацијата е дури и полоша од врвот на епидемијата во март. Тоа е вистинска причина за загриженост. Сите земји-членки мора веднаш да спроведат мерки и во вистинско време при првите знаци на нови потенцијални жаришта, посочи еврокомесарката.

Во Европа има повеќе од пет милиони случаи на коронавирус. Неколку земји почнаа да воведуваат блокади на локално ниво. Смртноста не е на нивото од претходно во оваа година, но бројот на нови случаи одеднаш се зголемува во повеќе региони. Киријакидис смета дека некои земји прерано ги олабавеле рестриктивните мерки.

– Не можеме да го спуштиме гардот. Оваа криза не е зад нас. Зимата е време од годината со повеќе респираторни заболувања, вклучително и сезонски грип. Денеска сме овде да ги повикаме сите да постапат решително. Можеби ова е нашата последна шанса да спречиме повторување на минатата пролет, додаде таа.

Според неа, земјите-членки мора да се борат против дезинформациите и теориите на заговор за вирусот. Таа, исто така, предупреди дека ќе мора брзо да дејствуваат за да се спречи потребата од враќање на блокадите, што ќе наштети на економијата, на образованието и на менталното здравје.

Европскиот центар за контрола и превенција на болести (ЕЦДЦ) претходно предупреди дека седум земји од Европската унија – Шпанија, Романија, Бугарија, Хрватска, Унгарија, Чешка и Малта се „високо загрижувачки” поради зголемувањето на смртноста од ковид-19.

Во најновиот извештај на Агенцијата на ЕУ, со седиште во Стокхолм, се наведува дека овие земји „го зголемија процентот на хоспитализирани и тешки случаи” и „веќе доживуваат растечка или висока стапка на смртност” поради ширењето на коронавирусот кај постарите луѓе.

Европска Унија денеска побара од земјите-членки подобро да им објаснат на своите граѓани што е физичка дистанца и хигиенските правила за спречување на Ковид-19.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот