ЕУ бара постепено укинување на енергетските субвенции, македонските домаќинства засега заштитени, но до кога?

сметки струја ЕВН сметка
Сметки за струја. / Фото: Драган Митрески / Слободен печат.

Економско-енергетски тим ја следи состојбата на домашно и регионално ниво, во поглед на состојбите со пазарите на енергија и во наредниот период ќе бидат донесени и соодветни одлуки кои пред се ќе бидат во интерес на граѓаните и на компаниите – велат од Владата.

Официјален Брисел минатата недела ги повика земјите од Европската унија да почнат постепено да ги укинуваат масивните енергетски субвенции за потрошувачите додека се подготвуваат за повторно воведување буџетски правила три години по избувнувањето на пандемијата на коронавирус. Засега од нашата Влада нема вакви најави, но оттаму за „Слободен печат“ велат дека следат што се случува и ќе носат соодветни одлуки.

-Владиниот економско-енергетски тим ја следи состојбата на домашно и регионално ниво, во поглед на состојбите со пазарите на енергија и во наредниот период ќе бидат донесени и соодветни одлуки кои пред се ќе бидат во интерес на граѓаните и на компаниите – велат од Владата.

Оттаму додаваат дека по завршувањето на кризата во април, јавно ќе бидат презентирани и досегашните ефекти и начинот на справување со кризата во изминатиот период.

-Една од главните определби на Владата во изминатиот период, посебно за времетраењето на енергетската криза, беше непрекинато снабдување со електрична енергија, топлинска енергија, природен гас, нафтени деривати и др. За таа цел беа издвоени буџетски средства за поддршка и на стопанството и на граѓаните. Токму и тоа беше нотирано од Светска Банка дека од земјите во регионот издвојуваме најмногу средства. Со издвоените средства и мерки успеавме да ги амортизираме последиците од кризата кој најмногу ги погодија ранливите категории и бизнисите – објаснуваат од Владата.

Од АД ЕСМ соопштија дека „надлежни за енергетските субвенции, како и за одлуките и изјавите за нивното укинување се Владата или Министерството за економија“.

-Субвенции за електрична енергија за потрошувачи имаме со одлука од Владата на Република Северна Македонија со цел да се покрие дел од цената на електрична енергија која ја произведува АД ЕСМ за универзалниот снабдувач – стои во одговорот кој „Слободен печат“ го доби од АД ЕСМ.

Во веста која ја објави Билтенот на Агенцијата за енергетика на Србија, меѓудругото стои и дека ЕК го претставила својот план за враќање на Пактот за стабилност и раст, кој беше суспендиран на почетокот на пандемијата во 2020 година, бидејќи владите на ЕУ потрошија огромни суми за поддршка на нивните економии и обезбедување здравствена заштита. Зголемувањето на цените на енергијата како резултат на војната во Украина минатата година ги поттикна земјите-членки да обезбедат поддршка за домаќинствата и бизнисите кои се борат да ги платат своите сметки. Сепак, Европската комисија смета дека мерките сега треба да се повлечат. Владите потрошија 1,2 отсто од БДП на ЕУ во 2022 година за субвенции за енергија, а планираат да потрошат 0,9 отсто во 2023 година.

– Како што се намалуваат цените на енергијата, треба да преминеме кон постепено укинување на повеќето мерки за поддршка, почнувајќи од оние кои се најмалку насочени – рече Валдис Домбровскис, извршен потпретседател на Комисијата.

Бектеши: Македонија потроши најмалку пари за енергетската криза

Министерот за економија Крешник Бектеши ја има анализата за се што е преземено и колку пари се потрошени за енергетската анализа, но, ќе остави тоа на јавноста да и го презентира директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски.

-Анализата ја имам, но би му оставил на директорот на ЕСМ, да направи пресек за тоа како се справивме со енергетската криза. Можам да кажам дека ако направиме споредба со другите држави, ние сме најдобри, односно дека со најмалку пари се справивме со енергетската криза, како во однос на немањето рестрикции, така и во однос на  цената на електричната енергија за домаќинствата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот