ЕУ апелира најголемите светски економии да ги зголемат климатските цели

Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел ги повика најголемите светски економии да постават поголеми цели за намалување на емисиите на штетни гасови до престојниот Самит за климата, што ќе се одржи во ноември.

Претходно оваа недела, извештајот на Обединети нации ја покажа сериозноста од глобалното затоплување, што е опасно блиску до преминување на границите.

Пожарите и поплавите веќе предизвикуваат пустош, а во Сицилија вчера беа измерени 48,8 степени Целзиусови, што според некои научници е можеби највисоката температура во европската историја.

– Предизвик е на Самитот во Глазгов, сите големи економии да преземат доволно амбициозни, мерливи и проверливи цели за 2030 година и посветеност на климатската неутралност, истакна Борел.

Климатската неутралност подразбира ослободување само онолку гасови што можат да се отстранат од атмосферата со вегетација или технологии за апсорпција на јаглерод диоксид.

Американскиот претседател Џо Бајден вети дека САД до 2050 ќе посигнат јаглеродна неутралност. Кина, Индија и Русија се меѓу земјите кои се соочуваат со меѓународен притисок да ги зголемат своите амбиции за неутралност до самитот на ОН за климата во Глазгов.

Борел истакна дека ЕУ има обврска да биде пример за другите.

– Како една од економски најразвиените области во светот, ние сме меѓу оние што емитуваат и емитирале во минатото, најмногу штетни гасови одговорни за климатските промени, наведе Борел.

ЕУ минатиот месец предложи 13 закони за намалување на емисиите на гасови што предизвикуваат ефект на стаклена градина, при што е предвидено намалување за 55 проценти до 2030 година, во споредба со 1990 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот