Етнолошка изложба со донирани предмети е поставена во Културно-информативниот центар во Истанбул
Изложбата „Од семејно кон институционално културно наследство – семејство Шабан“ на Музејот на македонската борба за самостојност од 8 до 14 ноември ќе може да се посети во македонскиот Културно-информативен центар во Истанбул.
Поставката ја сочинуваат 15 изложбени паноа, со текстови и фотографии од донирани предмети на семејството Шабан во временски интервал од 200 години, кои со својата посебност доловуваат моменти и пренесуваат емоции при презентирање на традицијата и културата, истовремено овозможувајќи подлабоко разбирање на ритуалите, обичаите и уметничките изрази, кои ги дефинираат нашите културни идентитети.
Автор на изложбата е Елизабета Марковска, кустос етнолог, а соработници за реализација на проектот се Василија Чали, Ана Китановиќ, Марија Коробар и Габриела Бошкова Постолова.
Изложбата е поддржана од Годишната програма на Министерството за култура за 2024 година.