Етнички графи за вонземјани

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

Каков квалитет во однос на подобрувањето на граѓанските права и слободи ќе донесе внесувањето на етничката припадност во личните карти? Таквата практика не може да придонесе ниту кон некакво појасно пребројување на македонските граѓани по етнички линии, бидејќи тоа не би можело да ги опфати оние што ќе се изјаснат како „неопределени“.

Внесување графи за етничка припадност во личните карти во Македонија се наметна како едно од изнудените решенија за коалициско владеење. Притоа се прават напори да се отфрлат критиките против такви компромиси, посебно во однос на натамошно форсирање на бинационален карактер на државата, а од страна на власта се потенцира дека такво решение треба да се прифати „оти сме мултиетничка држава“.

Укажувањата дека ниту една земја од ЕУ нема податоци за етничка или за верска припадност, очигледно немаат некакво посебно значење за македонските коалициски партнери. Ниту пак предупредувањата дека големи број земји кои во минатиот век внесувале етничка или верска графа, ја напуштаат таа практика, оти се покажало дека е дискриминаторска. За голем број граѓани инсистирање на етнички графи предизвикува непријатни и измешани чувства и сосема непотребно оптоварување на нивниот граѓански статус. Искуствата од дискриминатроската политика на јавно жигосување етнички групи во Втората светска војна сè уште се присутни во колективната меморија.

Но, кога ќе се прочепка малку подлабоко се доаѓа до сознание дека во некои земји етничките графи на личните карти предизвикуваат сериозни конфликти или пак се сметаат за мошне важен детаљ. На пример, во Гватемала. Според искуствата што ги пренесува група шведски граѓани кои живеат во таа средноамериканска држава, добивањето лична карта од повеќе причини претставува вистински потфат. Како што раскажува еден Швеѓанец, кој во Гватемала заминал во брачна заедница со гватемалска државјнака, регистрирањето на етничката припадност во тамошните лични карти се претвора во борба за признавање. Лица од разни староседелски групи, кои не чувствуваат дека гватемалската држава ги претставува на соодветен начин, сакаат нивниот староседелски идентитет да стане видлив и признаен во идентификациските документи. Така, во личната карата на гватемалскиот граѓанин може да стои „Ladino“, термин што наводно се користи денес за да се разликуваат „почистокрвните“ Гватемалци кои зборуваат шпански, од оние чие потекло се врзува за страоседелците, „Mestizos (мешано потекло)“. Потоа, на личните карти фиргурираат и низа други етнички епитети, како, на пример „Маја“, „Ксинка“ или „Гарифуна“. Споменатиот Швеѓанец својот етнички идентитет го навел како „Sueco (Швеѓанец)“, надевајќи се дека тоа ќе помине во бирократската процедура. По долго чекање најпосле ја добил личната карта, при што можел да констатира дека неговата наведена етничка припадност не одговарала за да и се најде соодветно место во домашната етничка класификација, така што во неговата графа било наведено „Desconocido“, односно „Непозната“. Вкалапување на етницитетите очигледно не е лесна работа.

Конфликтите кои веќе долго време го дестабилизираат Авганистан се продлабочуваат и во врска со прашањето за стандардизирање на процедурите за издавање лични карти, при што веќе се со децении се поттикнуваат меѓуетнички тензии. Проектот вреден неколку милиони долари за издавање нови електронски лични карти во пресрет на изборите во Авганистан пред неколку години предизвика жестока дебата и непријателства, што само ги зголеми поделбите и нетрпеливоста во моментот кога земјата се соочуваше со засилена кампања на талибански напади.

Спорот бил околу тоа како националноста да биде означена на новите лични карти, при што водечките личности од некои етнички групи го отфрлиле терминот „Авганистанец“. Контроверзата ги нагласува тешкотиите за постигнување договор за речиси што било во мултиетничката земја. Политичарите од главната етничка група во Авганистан, Паштуните, сметаат дека националностите треба да се евидентираат како „Авганистанци“. Но, како што се објаснува, тоа е термин што во минатото се користел за да се однесува на Паштуните, додека припадниците на другите етнички групи се противат на неговата употреба. Според некои таџикистански пратеници, нивната етничка припадност е всушност нивен идентитет и „каква било лична карта со името Авганистан, никогаш нема да биде прифатлива за нас“.

Во Авганистан, патем речено, не е спроведен попис со децении, така што проценките за големината на различните етнички групи се спорни. Некои подобри изгледи да се постигне барем мал прогрес во однос на овие прашања, со оглед на кризта и хаотичните сосотојби што ја зафатија земјата, тешко може да се согледаат во овој момент.

Овие примери можеби не треба да се доведуваат во директна релација со Македонија, за да се укаже на можност да се направат споредби на извесни искуства во меѓународни рамки, и од тие споредби да се извлечат извесни поуки. Но, останува отворено прашањето каков квалитет во однос на подобрувањето на граѓанските права и слободи ќе донесе внесувањето на етничката припадност во личните карти? Веќе е констатирано дека таквата практика не може да придонесе ниту кон некакво појасно пребројување на македонските граѓани по етнички линии, бидејќи тоа не би можело да ги опфати оние што со право и по лично наоѓање ќе се изјаснат како „неопределени“.  Зошто не е доволно на личната карта сите да бидат „сортирани“ под заедничка национална ИД-ознака, како што е тоа, на пример, „Svensk/Sweden“,  „Norsk/Norwegian”, или меѓународните кратенки ”Fra (Франција)“, „Бел (Белгија)“, или  „Deutsch (Германија)“. Каква предност би добиле милионите граѓани од турско потекло во Германија, доколку на личните карти би им стоело „Турчин“ како етничка припадност? Зарем не е далеку е поважно граѓаните да бидат заштитени од дискриминација, отколку да бидат изложени на законски пропишани поделби и разлики врз база на етничка припадност? Етничката припадност е сепак прашање кое наоѓа најголема смисла во интимната сфера на единката, а не како натурена групна ознака. Примерот со натурализираниот Швеѓанец во Гватемала можеби доволно илустративно зборува за политичките и бирократските недоследности во однос на јавниот третман на етничката припадност на која и се придава некаква тотемска вредност. Наместо што го регистрирале со „непозната“ етничка припадност, можеа, вели тој, „слободно да ме заведат и како вонземјанин“.

(Ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се секогаш ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот