ЕСМ потпиша договори за деловно-техничка соработка со БЕГ и со Скопје Север

ЕСМ/ Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

По донесување Одлука од страна на Владата и одобрување на текстот на договорите, ЕСМ од денеска влезе во привремено управување на Друштвото за производство на топлинска енергија Балкан енерџи ДООЕЛ Скопје и на Друштвото за снабдување со пареа и топла вода АД Скопје Север во стечај.

ЕСМ потпиша три договори за деловно-техничка соработка со трите правни субјекти на БЕГ (Производство, Дистрибуција и Снабдување). Договорот предвидува влегување на ЕСМ во раководењето на БЕГ преку назначување прокуристи, лица вработени во ЕСМ, чиј потпис ќе биде врзан со потписот на управителите на друштвото БЕГ. Сите одлуки, договори и плаќања ќе се реализираат со два потписи, односно без согласност на прокуристот од ЕСМ, БЕГ нема да смее да врши исплати и да склучува договори.

Средствата кои ЕСМ ќе ги добие од Владата за справување со кризата со снабдување со топлинска енергија, ќе ги уплатува повремено, во потребни износи, на наменската сметка која БЕГ ќе ја отвори согласно договорот и од која исплатите ќе се вршат со врзан потпис.

Средствата од 6 милиони евра кои наменски се одредени од Владата за справување со кризата со топлинска енергија, согласно договорот ќе бидат искористени за набавка на гас за производство на топлинска енергија во БЕГ, за набавка на топлинската енергија која се презема од производителот ТЕ-ТО и за други трошоци исклучиво поврзани со производниот процес.

БЕГ секојдневно ќе ги префрла на наменската сметка и сите свои приливи кои му пристигаат на неговите други сметки.

Додека трае договорот за деловно-техничка соработка, БЕГ ќе ги врши исплатите кон трети лица исклучиво преку наменската сметка и со согласност и врзан потпис од прокуристот.

БЕГ гарантира за вложените средства добиени од страна на државата, со меница потпишана од основачот на БЕГ. Враќањето на средствата кон ЕСМ ќе се реализира во 2023г, по одлуката на Регулаторната комисија за енергетика за определување на трошоците за грејната сезона.

ЕСМ, пак, ќе поднесува месечни финансиски извештаи до Владата за потрошените средства наменети за справување со кризата со топлинска енергија и извештаи за комплетното работење на привременото управување.

Владата го задолжи ЕСМ да ја преземе обврската за кризно менаџирање со снабдувањето со парно греење во градот Скопје со оглед на тоа што ЕСМ е најголема државна енергетска компанија и преку неа може да се управува со средства од државниот буџет. ЕСМ, исто така поседува свој систем за снабдување со топлинска енергија на еден дел од Скопје, и оттука располага со ресурси и кадри за да го преземе менаџирањето на целокупното снабдување на градот.

Целта на воведувањето на кризното менаџирање со снабдувањето со топлинска енергија е да се овозможи парно греење до крајот на грејната сезона, со оглед на тоа што снабдувачите се изјаснија дека немаат средства за набавка на гас за призводство на топлина по екстремниот скок на цената на гасот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот