ЕСМ не се јавил на тендерот за да ни обезбеди струја, Бектеши смирува дека ќе има друг повик

Крешник Бектеши
Крешник Бектеши / Фото: Фејсбук, Крешник Бектеши

Државната компанија за производство на електрична енергија, ЕСМ, не се јавила на тендерот објавен од ЕВН-хоум, на кој требаше да понуди цена за снабдување на домачинствата и малите компании во првото полугодие од идната година. ЕСМ сега ја продава струјата по 36,1 евро за мегават-час, додека на отворениот пазар, берзанската цена достигнува и околу 200 евра. Домашниот производител има и законска обврска да ги снабдува домаќинствата и фирмите со струја преку универзалниот снабдувач ЕВН-хоум.

Министерот за економија Крешник Бектеши смирува дека ако не сега, ЕСМ ќе се јави на друг тендер.

– ЕСМ не се јави на овој тендер. ЕВН хоум има дополнителни барања, ќе има нов повик, може втор, а може и трет до крајот на годината. Законот не го обрзува ЕСМ да се јави на првиот повик. Она што е важно е дека врз основа на анализите на ЕСМ, Владата ќе ја утврди цената на домашното производство – вели Бектеши.

Според регулативата, ЕСМ наредната година треба да обезбеди 60 отсто од потребите за домаќинствата и малите фирми и Бектеши тврди дека овој процент ќе биде обезбеден, дури споменува и можност за поголемо задоволување на потребите.

– Сега е најважно да се зголеми ископот на јагленот и на тоа се работи. Убеден сум дека капацитетите ќе работат според планот, со Стопанската комора се работи на набавка на мазут за ТЕЦ Неготино, а и РЕК Осломеј ќе почне да работи на 1 декември. Понудите за навка на јаглен за РЕК Битола се во последна фаза на евалуација и до крајот на неделата од ЕСМ треба да ја соопштат одлуката – вели Бектеши.

Во однос на случувањата во РЕК Битола, каде што постојано еден блок се исклучува, па само што тој ќе проработи, има проблеми во друг блок- Бектеши вели дека секаде каде што производството не се одвива согласно планот, ќе има одговорност од раководителите на капацитетите.

Видео на денот