Ескобар утре ќе ја посети Тирана

Габриел Ескобар на гостувањето на БХРТ/ Фото Youtube screenshot BHRT

Американскиот заменик-помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Габриел Ескобар, утре ќе престојува во официјална посета на Тирана.

Како што соопшти американската амбасада во Тирана, ова е негова прва посета на Албанија, чија цел е продлабочување на блиско пријателство меѓу двете земји, засновано на заеднички демократски вредности.

-Ескобар ќе се сретне со премиерот Еди Рама, министерката за Европа и надворешни работи Олта Џачка, претседателот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша и други лидери за да ја потврди непоколебливата поддршка на САД за демократијата на Албанија, интеграцијата во ЕУ, посилната одбранбена соработка и можностите за трговија и инвестиции, наведуваат од амбасадата.

Посетата на Ескобар, ја коментираше Баша, кој истакна дека посетата на Албанија и земјите од регионот е показател дека администрацијата на американскиот Стејт департмент во свој приоритет ја има борбата против корупцијата.

Според лидерот на демократите, тоа треба да биде суштината на разговорот што ќе го има со специјалниот пратеник на САД.

-Доаѓањето на Ескобар претставува јасен американски сигнал дека нивните ставови за прогласувањето „нон грата” на поранешниот премиер Сали Бериша не се лични, на одредени поединци, туку официјални ставови на американската надворешна политика, рече Баша.

Според политичките аналитичари, оваа посета не е само формална посета на еден од врвните американски дипломати, и не е случајно тоа што тој доаѓа два дена пред партиското собрание свикано од страна на Бериша, на кое тој најавува враќање на лидерската функција.

Еден од најпознатите публицисти, Илир Демалиа, пак, смета дека тоа што Ескобар не се среќава со Бериша туку со Баша и Рама, покажува дека се работи за порака против Бериша.

-Пораката против Бериша е логична по неговото ставање во црната листа од страна на Стејт департментот. Тоа е поврзано и со одлуката на Бајден дека многу брзо ќе почнат мерките за заплени, замрзнување на коруптивни средства и незапирливата борба против корупцијата на Балканот, рече Демалиа.

Видео на денот