Ескобар: САД имаат одговор за силите кои не сакаат суверена Црна Гора

Габриел Ескобар на Самитот на НАТО/ Фото МИА.мк

Американскиот заменик-помошник државен секретар Габриел Ескобар денеска изјави дека актуелната црногорска Влада ќе ужива американска поддршка сè додека е демократска и фокусирана на европската иднина на земјата, пишува Нова.рс.

Тој посочи и дека на последниот самит на НАТО, иако неформално, бил изразен и страв дека е опасно да се споделуваат сите информации со новата Влада во Подгорица.

Учествувајќи на 11-от Форум 2БС, Ескобар рече дека единственото решение за тензиите на Балканот е членството на земјите од регионот во ЕУ.

„Отсекогаш верувавме дека клучот за стабилноста на овој регион е неговото членство во ЕУ“, рече тој.

Габриел Ескобар / Фото: Архива на Слободен Печат

На прашањето како САД можат да им помогнат на балканските земји да постигнат стабилност, тој рече дека САД имаат голем буџет што може да им помогне да ги постигнат поставените цели.

„На повисоко ниво, ние ја користиме секоја можност да ги охрабриме нашите европски партнери да го забрзаат процесот на интеграција на Балканот, кој е регион со исклучителен потенцијал“, истакна Ескобар.

Коментирајќи го мешањето на Русија во внатрешните работи на Црна Гора, Ескобар рече дека САД имаат и дипломатски и политички одговор за да ги изолираат силите што не сакаат суверена и демократска Црна Гора.

Разликата меѓу проруските и просрпските сили

„Просрпските сили во Црна Гора треба да сфатат дека Црна Гора треба да биде суверена, демократска, западно ориентирана членка на НАТО, рече Ескобар, додавајќи дека за оние сили што го поткопуваат напредокот на земјата, што е успешна приказна речиси 25 години, САД имаат одговор во форма на санкции, политички притисоци, а во самата Црна Гора изолација на таквите сили“.

Тој потврди дека на последниот самит на НАТО, иако неформално, биле изразени стравувања дека е опасно да се споделуваат сите информации со новата влада во Подгорица, додавајќи дека загриженоста е реална и оти луѓето во Црна Гора треба да бидат свесни за тоа.

„НАТО има многу начини да ги чува информациите, но секоја влада треба да биде свесна дека тоа е нешто што ги ослабува и неа и земјата“, истакна Ескобар.

Тој се согласува дека сегашната ситуација на Балканот има многу сличности со 1990-тите, кога ескалираа етничките тензии и имаше многумина кои сакаа да ги искористат тие тензии.

„Од Дејтон до сега се случија многу позитивни работи, и кога ќе ги анализирате, ќе видите дека сите тие беа плод на евроатлантската интеграција. Затоа на нашите европски партнери им ја повторуваме потребата за забрзување на интеграцијата и затоа Балканот е секогаш високо на нашата агенда“, рече Ескобар, кој е убеден дека Европа ќе го сфати огромниот потенцијал на Балканот и оти за три години оваа област ќе биде просперитетен регион.