Ескобар: С. Македонија е модел во регионот за спроведување фер избори

Габриел Ескобар/ Фото: принтскрин

Заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, во интервју за „360 степени“ рече дека американската администрација силно ѝ се заблагодарува на Македонија за силната посветеност на земјата кон НАТО.

-Се надевам дека ќе ја продлабочиме соработката. Исто така се надевам дека во многу брзо време ќе влезете во ЕУ. Заслужувате да бидете дел од европскиот блок. Завршивте неколку добри реформи што ве квалификуваат за да го почнете процесот, наведе Ескобар во интервју за емисијата „360“.

Во однос на политичките турбуленции и најавената оставка на премиерот Заев, Ескобар посочува дека која било Влада во Македонија, ако го продолжи досегашниот пат на земјава, ќе продолжи да ја има нивната поддршка како стратешки партнер.

-Македонија е одличен пример за мултиетничка хармонија, одличен пример за мирно и ефикасно интегрирање во евроатланските институции и исто така, сте модел за спроведување на мирни, фер и слободни избори. Затоа, вие ни требате тоа да го извезете во регионот, констатира Ескобар.

За новинарскиот интерес искажан на денешниот прес-настан со шефот на дипломатијата, Бујар Османи – дали од Скопје оди за Софија, американскиот дипломат во интервјуто вели дека одговорот е – не, но не исклучи дека тоа ќе се случи.

„По Скопје, заминувам за Босна каде ќе се одржи Конференцијата за мировна имплементација. Потоа, одам за Тирана каде повоторно ќе пратам сигнали за нашата поддршка за зачленување во ЕУ по што ќе заминам за Лондон за да се сретнам со новиот британски специјален претставник за Западен Балкан, кој ги свикува министрите за надворешни работи на Западен Балкан за да се мапира како нашата соработка во регионот ќе функционира во иднина. Сево ова се примери за позитивен развој во регионот. Се надеваме дека Македонија ќе биде целосен партнер и ќе ни помогне да има напредок. Не ја исклучувам можноста во одреден момент да посетам други делови од Европа каде има важни прашања за кои треба да разговараме“, рече американскиот дипломат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот