ЕСА ја суспендираше соработката со Роскосмос: Русија планира самостојна мисија на Марс

Фото: Миа

Европската вселенска агенција објави дека ја суспендирала руско-европската мисија на Марс поради руската инвазија на Украина.

„Длабоко жалиме за човечките жртви и трагичните последици од агресијата кон Украина. И покрај тоа што го препознава влијанието врз научното истражување на вселената, ЕСА е целосно усогласена со санкциите наметнати на Русија од нејзините земји-членки“, се вели во соопштението на ЕСА.

За време на состанокот во Париз, владејачкиот совет на ЕСА „ја призна сегашната неможност за спроведување на тековната соработка со руската вселенска агенција Роскосмос на мисијата на роверот „ЕгзоМарс“ со лансирање во 2022 година и му наложи на генералниот директор на ЕСА да преземе соодветни чекори за суспендирање соодветно на активностите за соработка“, се вели во соопштението.

Фото: НАСА

По суспендирањето, Русија одговори со сопствена мисија на Марс

 

„Во многу блиска иднина ќе почнеме да работиме на спроведување на мисијата на Марс“, изјави Дмитриј Рогозин, шеф на Роскосмос, руската вселенска агенција.

„Интерфакс“ ја цитираше неговата изјава дека не мисли дека ровер е неопходен бидејќи постоечкиот модул за слетување во Русија, кој е дизајниран да го транспортира роверот, ќе може да ја изврши потребната научна работа.

Рогозин рече дека има „големи сомнежи“ за тоа што може да направи ЕСА без Русија, која веќе има ракета, место за лансирање и модул за слетување. На ЕСА ќе и требаат најмалку шест години за да развие сопствен модул, рече тој. Како одговор на санкциите, Роскосмос веќе ја прекина соработката со Европа за вселенски лансирања и најави дека ќе престане да испорачува ракетни мотори за САД.

марс
Дмитриј Рогозин, Фото: EPA-EFE/MAXIM SHIPENKOV

„Да, ќе изгубиме неколку години, но оваа истражувачка експедиција ќе ја спроведеме од новиот комплекс за лансирање на космодромот Восточни, изјави Рогозин за каналот „Телеграм“.

Рогозин ја коментираше и одлуката на шефот на ЕСА, Јосеф Ашбахер, која се однесува на повлекувањето на Западноевропејците од проектот „Егзо-Марс“.

„Ова е лошо за сите љубители на Вселената – заедничката руско-европска мисија на Марс е откажана“, изјави тој кусо.

Ви се оди на Месечината? Пријавете се на следната мисија на НАСА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот