Ерина Богоева: Kога дознав дека сум ја добила наградата „13 ноември“ ми требаше минута да се соземам!

Имала доста зафатен период и заборавила дека била пријавена за наградата „13 ноември“, па кога ѝ се јавиле да ја известат дека ја добила наградата, на фотографката Ерина Богоева ѝ била потребно малку време да се подсоземе.

Разговараме со Ерина, добитничка на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје за 2019 година за монографијата за Скопје насловена „Скопје – Архитектурата како фотографска скулптура (1963 ‒ 1990)“, во издание на „Арс Ламина“.

Ерина Богоева

По вокација си дипломиран филолог, кога се роди твојата љубов кон фотографијата, кога првпат го сфати фотоапаратот сериозно?

– Да, дипломирав на Kатедрата по aнглиски јазик и книжевност на факултетот „Блаже Конески“ во Скопје, а потоа и магистрирав по филм, телевизија и екранска индустрија на Нотингам Универзитетот во Велика Британија, а сега сум фотограф. Потребата за креативно изразување ми била секогаш присутна во животот, но мислев дека секогаш ќе остане да биде само издувен вентил од секојдневието. Па така, фотоапарат „за озбилно“ фатив пред шест-седум години, иако, како за хоби, фотографирам веќе тринаесеттина години.

Како самоук фотограф, од кои фотографи најмногу научи?

– Кога почнував со фотографија немаше Јутјуб свет како сега каде што можете да најдете сè за сè што ве интересира. За среќа, имав многу добри постари колеги кои несебично помагаа за секое прашање. Со повеќето од нив сме уште добри пријатели и си помагаме и ден денес. Како еден фотограф кој многу ми влијаел не би можела да издвојам посебно, ниту од нашите, ниту од светските. Моето знаење е кумулирано од сите со кои сум зборувала, соработувала или на чии дела сум им се восхитувала низ годините

Како ја доживеа веста дека си добитничка на наградата „13 ноември“ на Град Скопје за 2019 година?

– Искрено беше многу неочекувано. Имав доста зафатен период и заборавив дека бев пријавена за наградата, па кога ми јавија дека сум ја добила ми требаше минутка да се подсоземам. Прекрасно е чувството кога еден труд кој ми е многу личен и близок до срцето добива награда од овој размер. Уште некако и не ми се верува.

Колку време работеше на монографијата „Скопје-архитектурата како фотографска скулптура“? Колку фотографии имаш направено надвор од објавените во книгата?  

– Идејата за документиање на постземјотресното Скопје потекнува од 2012. година, но реализацијата одеше споро и во етапи. Првата завршена етапа од таа идеја беше изложбата „Затемнетиот Град“ во октомври 2017. во Музејот на Современата Уметност во Скопје, а потоа следуваше монографијата. Активно, монографијата ја работев нешто повеќе од една година, заедно со истражување – во кое бев многу помогната од архитектите Ана Ивановска Дескова, Владимир Десков и Јован Ивановски – и теренска работа, фотографирање. Низ тој период направив илјадници фотографии за целта на монографијата. Некои објекти ги посетував неколку пати, во различна сезона и на различно светло за да го доловам она што го сакам, а некои пак ги завршував со едно фотографирање.

Која градба во Скопје, од периодот на интензивната постземјотресна обнова, е најинспиративна за тебе?

– Омилени градби од тој период ми се ПТТ Центарот на Јанко Константинов и студентскиот дом „Гоце Делчев“ на Георги Константиновски. Би можела да седам и да ги гледам со часови, бидејќи се буквално скулптури.

Што те привлекува, а што одбива во новите скопски градби, на пример, оние од проектот Скопје 2014?

– Не сакам да звучам негативно, но искрено скоро ништо не ме привлекува од зградите во проектот Скопје 2014. Единствената светла точка во тој проект мислам дека е Филхармонијата. Од друга страна, она што ми е најодбивно во новите градби, а особено во проектот Скопје 2014, е колку е сè тоа исфорсирано и колку градот Скопје беше иссилуван за нивното градење.

Кој град од твоите патувања бил најфотографиран, и зошто?

– Тоа е тежок избор. Се трудам често да патувам и, до сега, не сум била во град што не ми бил фотогеничен. Веројатно најубави ми биле Берлин и Виена од два комплетно различни апсекти.

Каков тип на ликови и кои човечки емоции те поттикнуваат да ги овековечиш?  

– Многу сакам да работам со луѓе и уште повеќе сакам да запознавам луѓе низ објективот. Верувам дека секој има своја убавина и, за жал, тоа е многу полесно видливо за другите отколку за самите нас. Токму затоа многу повеќе сакам да фотографирам обични луѓе на кои емоциите им се автентични отколку модели, иако работата со модели си ги има своите предности. Кога фотографирам луѓе кои не се навикнати на фотографирање, тогаш полесно се доловува емоцијата која ја имаат тие во моментот, без разлика дали е позитивна или негативна, едноставно е автентична. Ако сакам да доловам конкретна емоција, најчесто се свртувам кон изработка на автопортрети.

Љубовта кон Скопје ја искажа преку повеќе циклуси, од фотографирање на небото над Скопје преку графитите, до модерната архитектура. На кој начин Скопје ти возвраќа љубов?

– Со Скопје имаме комплициран однос (се смее, н.з). Искрено го сакам, но не знам дали чувството е секогаш взаемно. Најубаво ја чувствувам љубовта на Скопје низ Дебар-маалските кафанчиња на пролет, центарот на градот низ летните квечерини, парк- шумата Гази Баба на есен и Градскиот парк поркиен во снег во зима.

Што следно може да очекуваме? Самостојна изложба, нова монографија?  

– Моментално работам на неколку проекти паралелно – нешто е во истражување, нешто во фаза на изработка и искрено не знам кој попрво ќе биде завршен. Следува интересен и возбудлив период.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот