Ердоган: Турција нема да се откаже од истражувањата во Средоземјето

Реџеп Таип Ердоган, претседател на Турција. / Фото: Профимедиа

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека неодамнешното големо откритие на резерви со природен гас во Црно Море е предвесник на новите вести за уште поголемо турско откритие.

-Имаме силни показатели дека откриените резерви се само најава за уште поголемо откритие. Наскоро се надеваме на слични вести и од Средоземното море, рече тој во обраќањето по седницата на владиниот кабинет, јави агенцијата Анадолија.

Истакнувајќи дека Турција би можела да стане една од земјите со најголеми резерви на гас, тој рече дека Турција направила големи чекори и во развојот на соларни и други потенцијали за обновлива енергија.

-Намалувањето на цената на природниот гас ќе има дополнително позитивно влијание врз буџетот на луѓето и развојот на сите сектори во наредниот период, рече Ердоган.

Турција минатата недела соопшти дека ги пронашла најголемите резерви на природен гас во Црното Море во својата историја.

Ердоган рече дека станува збор за резерви што ги пофали целиот свет, но дека некои недобронамерни кругови и натаму негативно ја оценуваат турската економија и јасно покажуваат од каде добиваат упатства.

Коментирајќи ја пораката на навигацискиот телекс (Навтекс), што ја издаде Грција, Ердоган рече дека станува збор за нечесен чин, што е закана за безбедноста на сите бродови во регионот.

Во пораката, Грција најави четиридневни воени вежби на воздушните и поморските сили во областа што се совпаѓа со областа на источниот Медитеран, во која Турција претходниот ден најави дека ги продолжува активностите на истражувачкиот брод „Орус Реис” за дополнителни четири дена.

На тој начин Грција се обидува да ги блокира турските права на хидрокарбонските истражувања во тој дел од регионот.

-Грција е единствена одговорна за се негативно што може да се случи во регионот и ќе биде единствената што ќе претрпи штета, рече Ердоган.

Со таквиот свој став, додаде Ердоган, што е спротивен на меѓународното право, добрата волја и добрососедски односи, Грција самата ќе влезе во хаос од кој нема излез.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот