Ердоган од Астана повика на праведно завршување на руско-украинската војна

Реџеп Таип Ердоган/ Фото EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Турција повикува на праведен крај на руско-украинската војна и верува дека постојат дипломатски начини за решение и покрај сложеноста на одредени прашања. Тоа го изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на шестиот состанок на Конференцијата за соработка и градење доверба во Азија што се одржува во Астана, Казахстан.

Турскиот лидер повика на продолжување на дијалогот за да се постигне „итен прекин на крвопролевањето“ во Украина.

Тој рече дека човештвото минува низ сложен период на промена на рамнотежата на силите на светската сцена, за што е потребна реформа на Обединетите нации.

„Турција долго време посочува дека светот е повеќе од пет (постојани членки на Советот за безбедност на ОН) држави, што дополнително дава значење на реформите во светската организација. Жителите на сите земји споделуваат заедничка судбина. Пандемијата уште еднаш го потврди тој факт“, рече Ердоган.

Според него, глобалната безбедносна архитектура мора да се формира врз основа на нова перцепција заснована врз поголема правичност и застапеност на земјите и регионите.

Претседателот на Турција обрна внимание и на безбедносните предизвици, нагласувајќи ја важноста од борбата против сите обиди за поддршка на терористичките организации. Ердоган како неприфатлив го посочи диференцираниот пристап кон криминалните организации.

Тој се осврна и на ситуацијата во Авганистан и ја повика меѓународната заедница „да не го остава авганистанскиот народ сам со своите проблеми“, истакнувајќи дека Анкара ја дава сета помош што може.

„Денешна Турција е светски лидер по однос издвојувањето хуманитарна помош, гледано според бруто домашниот производ“, рече Ердоган посочувајќи дека таа ставка веќе достигнала 5,6 милијарди долари.

Ердоган уште еднаш ја искористи можноста да нагласи на присуството на над четири милиони бегалци и мигранти во Турција.

По однос економската соработка меѓу земјите, тој истакна дека Анкара се декларира за развој на транспортни коридори, за создавање нов пат на свилата што ќе ја поврзе Азија со Европа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот