Ердоган очекува средба со Бајден

Реџеп Тајип Ердоган и Џозеф Бајден / Фото: Колаж

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој неодамна  се откажа од протерувањето на десет западни амбасадори, вклучувајќи го и американскиот амбасадор, во средата изјави дека се надева дека следната недела ќе се сретне со американскиот претседател Џо Бајден во Глазгов.

Односите меѓу двајцата шефови на држави се затегнати, особено откако Анкара го купи рускиот одбранбен систем и покрај тоа што е дел од НАТО.

Фото: EPA-EFE/MAXIM SHIPENKOV

„Изгледа дека ќе се сретнеме во Глазгов пред Рим“, им рече Ердоган на новинарите во авионот кој се враќаше од Азербејџан за Турција.

Турскиот претседател треба да присуствува на два меѓународни настани подоцна оваа недела: Самитот на Г20, кој ќе биде отворен во Рим во сабота, а потоа и на конференцијата на ОН во недела во Глазгов.

Ердоган и Бајден се сретнаа на Самитот на НАТО во јуни годинава, но Бајден не го прими шефот на турската држава во септември кога се одржа Генералното собрание на ОН во Њујорк.

Реџеп Таип Ердоган / Фото: EPA-EFE/

Ердоган во понеделникот се откажа од протерувањето на десет западни дипломати на кои им нареди да си заминат бидејќи на 18 октомври тие побараа „итно и правично решение“ за прашањето на турскиот бизнисмен Осман Кавала, кој четири години е во затвор без пресуда.

Анкара ги залади односите со Вашингтон поради негодувањата од САД Турција да го купи рускиот систем С-400, како и поради договорот за купување на американски борбени авиони Ф-35, кои Турција ги платила, но САД се уште не им ги доставува.

Ердоган неодамна рече дека САД и понудиле на Турција продажба на борбени авиони Ф-16 во замена за претходна инвестиција во програмата Ф-35, од која Анкара беше отстранета откако купи одбранбен ракетен систем од Русија.

Ројтерс претходно овој месец објави дека Турција побарала од САД да купат 40 авиони Ф-16 на Локхид Мартин и речиси 80 комплети за модернизација за постојните авиони.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот