Ердоган најави разговори со Путин и Зеленски

Реџеп Таип Ердоган
Реџеп Таип Ердоган/ Фото: EPA-EFE/VYACHESLAV PROKOFYEV

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Турција продолжува со своите напори за решавање на тековната војна меѓу Русија и Украина и додаде дека за таа цел наскоро ќе разговара со своите колеги од двете страни на конфликтот, јави агенцијата Анадолија.

– Со цел да се реши оваа криза, в недела ќе имам разговори со рускиот претседател Владимир Путин. Исто така, ќе разговарам со украинскиот претседател Володимир Зеленски, изјави Ердоган на „ТРТ Ворлд форум” во Истанбул.

Ердоган рече дека Турција сака дополнително да го зајакне Договорот за коридорот за жито, за кој помогна да се постигне ова лето, „и според зборовите на Путин, да се испрати храна преку овој коридор за жито во неразвиените земји”.

На 22 јули, Турција, ОН, Русија и Украина потпишаа договор во Истанбул за обновување на извозот на жито од три украински пристаништа на Црното Море, кој беше запрен во февруари поради војната на Русија против Украина, потсетува Анадолија.

Неколку дена пред неговото планирано истекување, договорот за жито беше продолжен за уште 120 дена, почнувајќи од 19 ноември.

Ердоган рече дека од самиот почеток на кризата, Турција спроведува интензивна дипломатија по принципот дека нема да има победници во војната, додавајќи дека неговата земја е пионер на мировната дипломатија која ќе биде пример за светот.

„Додека силно го браневме територијалниот интегритет на Украина, ние се спротивставивме на поттикнувањето тензии во регионот со ирационални политики кон Русија”, додаде Ердоган.

Осврнувајќи се на борбата против тероризмот, Ердоган ги критикуваше оние земји – вклучително и некои членки на НАТО – кои поддржуваат и испраќаат оружје до терористичките организации во северна Сирија кои ја загрозуваат Турција, како и регионалната стабилност.

– И покрај нашите жртви, Турција никогаш нема да заборави како беше напуштена во борбата против терористичките организации кои претставуваат сериозна закана, додаде тој.

Денеска во Истанбул започна шестото издание на „ТРТ Ворлд форум”, дводневен годишен настан на кој се разговара за глобалните проблеми.

На Форумот, кој оваа година се одржува под тема „Мапирање на иднината: несигурности, реалности и можности”, се собраа академици, новинари, интелектуалци, политичари и членови на граѓанското општество од целиот свет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот