Ердоган ги обвини грчките сили за нехумано постапување со мигрантите

Фото: EPA-EFE/TOLGA BOZOGLU

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги обвини денеска грчките безбедносни служби дека се однесуваат како нацисти, бидејќи употребуваат сила врз мигрантите кои се обидуваат да ја преминат границата од Турција во ЕУ.

Десетици илјади луѓе се обидуваат да пристигнат во Грција, откако Турција на 28 февруари соопшти дека веќе нема да ги задржува мигрантите на своја територија, во рамки на Договорот со Брисел од 2016 година што подразбира европска помош за бегалците.

Грчките безбедносни сили употребија солзавец и водени топови да ги спречат мигрантите. Атина ги отфрли молбите за добивање азил на еден месец и соопшти дека спречила повеќе од 42.000 илегални мигранти да влезат во Унијата во текот на последните две недели.

Во турскиот Парламент Ердоган покажа снимки пред пратениците на својата Партија на правда и развој (АКП) од случувањата на грчката граница.

– Нема разлика меѓу овие слики на грчката граница и она што го правеле нацистите…Отворање оган врз невини луѓе, изложувајќи ги на сите видови нехумано постапување…тоа е варварство во вистинска смисла на зборот – истакна турскиот претседател.

Одговарајќи на коментарите на Ердоган, портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас истакна дека шефот на турската држава постојано се обидува да ја поткопа атмосферата со неговите изјави.

– Им велиме на сите дека не треба да се обидуваат да влезат преку прозорец. Постои врата. Секој што има право на заштита треба да затропа на таа врата и има право да добие заштита според меѓународниот закон – нагласи Пецас.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот