ЕПИЛОГ: Кој се е вклучен во рекетарската шема на Боки 13?

Фото: Слободен печат

Под сомнение дека изнудувале пари од бизнисмен за кој се води судска постапка, на кој му ветувале дека ќе влијаат врз јавен обвинител за повлекување на обвинението против него, осомничените Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец, вчера добија 30-дневен притвор. Епилогот од вчера е и одземен мобилен телефон на обвинителката Катица Јанева, претрес во семејниот дом на родителите на Боки 13, претрес во неговата канцеларија во 1 ТВ и одземен компјутер на синот на Јанева, кој во 1 ТВ работи во секторот маркетинг.

Како започна се?

Првата вест која вчера ја разбранува јавноста беше оставката на првиот човек на СЈО, Катица Јанева, која се повлече, како што и самата нагласи, заради иднината на ова Обвинителство.

„Чест ми беше да ѝ служам на државата и да бидам на чело на исклучително професионален обвинителски тим, истражителски тим и тим на вработени кои безрезервно и посветено ги извршуваат своите работни задачи. Со месеци ги следам медиумските прилози за преговорите меѓу работните групи на политичките партиите за иднината на Специјалното јавно обвинителство. Еве, денес ја користам приликата да ја информирам јавноста дека јас нема да дозволам моето име да биде искористено за нечие алиби со кое во заложништво ќе се држат судбината на Специјалното јавно обвинителство и Европските интеграции на мојата земја. Ја депонирам мојата оставка која ќе стане активна тогаш кога политичките партии ќе се усогласат за новото законско решение и ќе го изберат мојот наследник“, соопшти Јанева.

По ова, следеше веста за приведувањето на шоуменот и сопственик на 1ТВ Бојан Јовановски – Боки 13, како и бизнисменот Зоран Милевски – Кичеец. Јовановски бил уапсен на граничниот премин „Богородица“, а Кичеец во еден познат скопски ресторан.

Јавното обвинителство попладнето излезе на прес-конференција на која соопшти дека е покрената истрага против две лица, притоа не именувајќи ги, поради почитување на пресумпцијата на невиност. Како што соопшти обвинителката Вилма Рускоска, првоосомничениот и второосомничениот се товарат за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“, а првоосомничениот Јовановски и за „перење пари и други приноси од казниво дело“.

Имено, целата приказна е во тоа дека двајцата осомничени изнудиле рекет од 1,5 милиони евра од бизнисмен за кој се води судска постапка, а на кој му ветувале дека ќе влијаат врз јавен обвинител. При овие средби од осомничениот бизнисмен биле побарани најпрво 8 милиони евра да се запре истражната постапка, а доколку постапката не се запре тогаш во насока на изнаоѓање олеснителни околности тој требало да им исплати пет милиони евра со тоа што веќе дадените 1 милион евра во вториот наврат влегувале во тој износ. Останатите 4 милиони евра било договорено да се исплаќаат сукцесивно на четири месечни рати. Откако осомничените се посомневале во доверливоста на средбите и можноста за откривање на кривично правниот настан, повеќе не остварувале средби со бизнисменот во таа насока.

Обвинителството, како што соопшти Рускоска, од 2 мај годинава против Боки 13 и Зоки Кичеец водело предистражна постапка при која се собрани повеќе вербални и материјални докази што даваат основа против нив да се отвори истражна постапка по кривична пријава. Користени биле и ПИ мерки.

– Истражната постапка се води зашто од ноември 2018 година до април 2019 година првоосмоничениот искористувјаќи го своето влијание врз јавен обвинител, влијаел да се изврши дејствие со кое во истражна постапка ќе се олесни положбата на едно осомничено лице во таа постапка, а второсомничениот битно придонел со тоа што договарал континуирани средби и воспоставување меѓусебен контакт на првоосомничениот со сопругата на осомничениот во таа постапка лично со осомничениот, појасни Русковска.

Кој е обвинителот вклучен во рекетарската шема на Боки 13 и Кичеец?

Енигма вчера беше името на обвинителот кој бил вклучен во рекетарската шема на Боки 13 и Кичеец. Обвинителката Рускоска не сакаше да открие кој е обвинителот врз кого било ветено дека ќе се влијае, ниту пак сакаше да открие дали против обвинителот ќе биде покрената некаква постапка. Во јавноста веднаш почнаа да се поврзуваат работите. Оставката на Катица Јанева и тоа како покрена низа сомневања за нејзина вмешаност во целиот случај. Новинарот Бранко Героски, кој ги почна приказните со рекетот на Коки и Кики, во колумна синоќа објави дека мозокот на целата операција бил обвинител од Обвинителството кое требаше да се бори за правдата во Македонија. Некои медиуми дури и одеа со информација дека тој обвинител е токму Катица Јанева која неполн час пред апсењето на Боки 13 соопшти дека поднесува оставка.

Како што вечерта потврди и Обвинителството, на Катица Јанева и бил одземен мобилниот телефон по наредба на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, за прибирање повеќе информации за истрагата против осомничените, кои во јавноста се познати како Боки 13 и Зоки Кичеец.

– Телефонот е одземен за да ја видиме комуникација на јавен обвинител и првоосомничениот. Претрес не е направен кај ниту еден јавен обвинител и сега за сега нема причина зошто да бидат изведени пред судија, изјави доцна синоќа пред судот обвинителката Вилма Рускоска.

Кој е осомничениот, жртва на рекет?

Обвинителството вчера не соопшти ниту кој е осомничениот против кого се води судска постапка, а кој бил жртва на рекетот на Боки 13. Но, според она што беше објавен во медиумите, осомничениот е дел од предметот „Империја“ кој го води СЈО, а за кој беше отворена истрага во ноември 2018 година.

„Ја известуваме јавноста дека по спроведена опсежна предистражна постапка, во која се преземени десетина предмети кои се воделе пред надлежни обвинителства и врз кои воспоставена е надлежност на ова јавно обвинителство, денес е отворена истрага под кодно име „Империја“.

Во текот на денешниот СЈО во соработка со МВР, извршија 12 претреси и лишени се од слобода пет осомничени лица, кои во текот на денот ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка и за кои ќе бидат побарани мерки за обезбедување присуство.

Се очекува и проширување на истрагата кон нови лица и за нови кривични дела, а во насока на обезбедување на имотно-правните барања од оштетените лица и обезбедување на предметите кои потекнуваат од кривичните дела ќе бидат побарани и мерки за привремено обезбедување на имот“, соопшти тогаш СЈО.

Во „Империја“ осомничени се Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски.

Некои медиуми дури и објавија дека жртвата на рекетот бил токму бизнисменот Орце Камчев.

Боки 13 и Кичеец завршија во притвор

Бојан Јовановски и Зоран Милевски, како осомничени за изнудување пари, вчера беа изнесени пред истражен судија во Кривичниот суд, од каде беа директно спроведени во затворот „Шутка“. Судијата им одреди мерка притвор од 30 дена.

Обвинителката Русковска ги потврди одлуките за притвор и потврди дека Јовановски бил задржан на граничниот премин „Богородица“ при обид за бегство. Рускоска посочи дека обележани пари како доказ нема, но имаат обезбедено разговори и видеоснимки.

Од Обвинителството, исто така, потврдија и дека е извршен претрес во канцеларијата на Јовановски во 1ТВ на која тој е сопственик.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот