Епидемијата заврши, но невакцинираните остануваат надвор од  училиштата и градинките

Прогласувањето на крај на епидемијата на морбили не го менува веќе утврдениот став дека невакцинирани деца нема да се примат во училиштата и во градинките, категорично велат од Министерството за здравство. Комисијата за заразни болести во четвртокот констатираше дека се исполнети епидемиолошките услови за одјава на епидемијата на мали сипаници на територијата на цела држава, со што престануваат да важат дополнителните мерки за контрола на заразата. Родителите пак чии деца се надвор од воспитно-образовниот систем преку адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, кој е нивен правен застапник велат дека со завршувањето на епидемијата престануваат да постојат условите заради кои децата не се примаат во училиште и во градинка.

-Нашиот став за задолжителна вакцинација не се менува заради тоа што е завршена епидемијата. За децата да бидат запишани во училиште или во градинка мора да приложат потврда за примени вакцини, како што предвидува законската регулатива. Со ова се спречува појава на некоја нова епидемија во иднина, која би се случила ако повторно се дозволи запишување на децата без да бидат вакцинирани – велат од ресорното министерство.

Давидовиќ вели дека од понеделник родителите ќе имаат средба со директори од градинките поради прогласувањето на крај на епидемијата, а во контакт се и со директорите на училиштата.

-Ќе ги дополниме првично поднесените кривични пријави и тужби бидејќи ситуацијата останува иста без да има ниту една причина за тоа. Срамота е во 21 век да создаваат неписмени деца – вели Давидовиќ.

Комисијата за заразни заболувања прогласи крај на епидемијата бидејќи се поминати 45 дена од последниот пријавен лабораториски случај на мали сипаници или два максимални инкубациски периода од последниот потврден случај. Комисијата препорачува во континуитет да се одржува висок опфат со МРП вакцина (над 95 проценти), со цел да се превенираат идни епидемии. Вкупниот број регистрирани случаи со морбили во нашата држава, од декември 2018 година до крајот на минатата недела изнесуваше 1.901 случаи. Од компликции од морбили имаше и неколку смртни случаи најголем број беа бебиња. Според вакциналниот статус, вкупно 1.530 или 80,5 проценти од заболените деца биле невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус.

Во текот на епидемијата вкупно се вакцинирани 44.497 лица на возраст до 14 години, а се аплицирани и дополнителни 6.305 дози од вакцината кај лица над 14-годишна возраст, од кои повеќе од 60 отсто кај здравствени работници, студенти на медицина, стоматологија и фармација, специјализанти и ученици во средните медицински училишта и останати контакти на заболените лица.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот