Епидемијата спласнува, бариерите за патување остануваат

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Им се препорачува на граѓаните пред да патуваат во која било земја од ЕУ, да проверат кои се конкретните услови што самата земја ги поставува за патниците.

Европската Унија одлучи да ги олесни ограничувањата за патување на македонските државјани, на што се согласиле сите 27 земји членки на блокот, соопшти Министерството за здравство, додавајќи дека оваа одлука на ЕУ доаѓа по стабилизацијата на состојбата со епидемијата во државата.

Сепак, официјалната одлука се очекува во наредните денови, кога Македонија ќе биде симната од списокот на држави во црвената зона. Сепак, за секој случај, на сите граѓани им се препорачува пред патување во земјите на ЕУ, да проверат во секоја земја индивидуално, кои се барањата и условите за патување. Според тековната состојба, во Холандија не може да се влезе директно со македонски пасош. Затоа, голем број граѓани што сакаат да го проследат натпреварот на македонската фудбалска репрезентација, во Холандија се упатуваат преку Германија, меѓутоа пред влез на стадионот 11 часа претходно, мора да имаат направено ПЦР-тест. Граѓаните се жалат и дека поради непочитување на ковид-протоколи биле враќани во земјава од Холандија, по што им била изречена казна од 480 евра и неколкумесечна забрана за влез.

На официјалната страница на владата на Холандија пишува дека безбедни земји чии државјани се добредојдени да патуваат во земјата се Австрија, Бугарија, Хрватска, Кипар, Чешка, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Исланд, Ирска, Италија, Малта, Норвешка, Португалија, Полска, Романија, Словачка и Швајцарија. Државјаните на овие земји нема потреба да приложуваат ПЦР-тест или да се изолираат при пристигнување во Холандија. За другите, наложен е 10-дневен карантин и задолжителен ПЦР тест, иако се вакцинирани.

На веб-страницата на Министерството за надворешни работи дадени се препораки за патување во повеќе земји, од кои за голем дел препораката е да не се патува. Сепак, најавите се дека ЕУ треба да ги олабави рестрикциите за влез во повеќе европски земји за Македонија.

Пред патување се препорачува секој граѓанин да види и дали во земјата каде што патува, се признаваат вакцините „Спутник“ и „Синофарм“. Причината е што овие две вакцини не се одобрени од Европската агенција за лекови, а мноштвото земји членки на ЕУ и на Шенген зоната, решија да не ги признаат. Исланд, на пример, е првата земја во Европа што ги отвори границите за вакцинираните, но нагласи дека отворените граници се само за тие што се вакцинирани со вакцини одобрени од ЕМА и СЗО, односно само за лицата вакцинирани со „Фајзер“ и со „Астра-Зенека“. Грција, Словенија, Унгарија и Бугарија, пак, ќе ги примаат патниците што ја примиле руската вакцина „Спутник В“.

Амбасадорите на ЕУ се согласија дека за Македонија, за Албанија и за Србија треба да се укинат рестрикциите за несуштински патувања, а одлуката треба да биде официјализирана наредните денови.

Епидемиолошката состојба во земјава е стабилна, бројот на граѓани заразени со коронавирусот е мал исто како и хоспитализациите, а вакцинацијата се одвива со добро темпо, информираат од Министерството за здравство. Здравствените власти сепак апелираат, бидејќи пандемијата не е завршена ниту кај нас, ниту во земјите од регионот, па и насекаде во светот, граѓаните и понатаму да ги следат основните мерки за заштита од ковид-19.

– На еден начин ова е потенцијална закана за можен удар од вирусот, затоа треба да се придржуваме кон мерките за заштита – изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Во ковид-центрите во Скопје и во земјава има хоспитализирано 10 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Во Скопје е примен еден пациент и девет пациенти се примени во болниците низ земјава. Вкупно 90 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните одделенија, и тоа 26 во Скопје и 64 во ковид-центрите во земјава.

Видео на денот