Епидемијата на морбили урива рекорди, неделава најмногу заболени (ВИДЕО)

Последната недела е евидентиран рекорден број на новозаболени од мали сипаници, 126, што е најголема бројка на почетокот на епидемијата регистрирана во текот на седум дена.

Од вкупниот број на ново пријавени заболени лица, 57 случаи се од Скопје, при што 70% од нив се непотполно вакцинирани, невакцинирани или со непознат вакцинален статус.

Останатите 69 заболени се од 10 други градови во Македонија и тоа од Куманово пријавени се 22 случаи, од нив 90 отсто се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус соодветно; од Кичево – 15 случаи, 66,7 отсто од нив невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус; од Струга се 12 случаи, од нив 83,3 отсто се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус; од Тетово се пријавени 10 случаи, од нив 7 се невакцинирани и непотполно вакцинирани; од Велес и Прилеп пријавени се по три случаи. По еден случај е пријавен и од Гостивар (невакциниран), од Крива Паланка (непотполно вакциниран), од Струмица (невакциниран) и од Охрид (комплетно вакциниран).

Од Скопје епидемијата се шири во внатрешноста каде има 19.000 невакцинирани најмногу во Тетово и во Куманово.Од 961 заболен колку што се вкупно од почетокот на епидемијата, досега има 100 заболени здравствени работници, лекари и медицински сетри од кои 60 се од Скопје. Од заболените 60 отсто не биле вакцинирани со вакцина што штити од морбили. Во вторник здравствените власти ќе решаваат дали ќе прогласат епидемија на територијата на целата држава.

-Во однос на прогласувањето на епидемијата на територијата на целата земја, нема потреба околу тоа да се крева паника. Ако се прогласи епидемија болеста ќе може подобро да се контролира и ќе може да се преземат мерки за заштита на ширење, што не може да се преземат во други услови. Поради бројот на заболени постојат индиции кои треба да се разгледаат и да се донесе одлука околу прогласувањето на епидемијата во целата земја – вели Александар Микиќ.

Тој апелира деца со висока температура да не се носат веднаш на Клиниката за детски болести бидејќи епидемијата се шири на лекар и во болнички услови.

Микиќ потенцира и дека задолжителната вакцинација мора подобро да се спроведува во другите градови, за да може да се постигне опфатат како во Скопје, кога од 20.000 некацинирани, МРП вакцина примија 16.000.

Епидемолозите очекуваат бројот на заболени да почне да се намалува летово, но тој може повторно да порасне ако од септември се дозволи во градинките да се запишуваат невакцинирани деца.

Досега се регистрирани три смртни случаи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот