ЕП: Србија фрустрирана со спориот напредок во ЕУ и распната на две страни

Аналитичкиот центар на Европскиот парламент (ЕП) оцени дека Србија е „фрустрирана со бавниот напредок кон членството во ЕУ и има отворено простор за поблиски врски со Русија и Кина”, со што се доведува во сомнеж целокупната „посветеност на Белград за европската перспектива”.

Како што соопшти дописникот на МИА, центарот проценува дека и покрај одреден напредок во усогласување со законодавството на ЕУ во областа на политичките критериуми и владеењето на правото, во Србија се забележува зголемување на стратешкиот натпревар од страна на глобалните сили, што земјата може да ја одвлече од процесот на пристапување во ЕУ.

Од ЕП се потенцира дека Русија е традиционален геополитички сојузник на Србија, при што Москва обезбедува „дипломатска поддршка, инвестиции, економска и воена помош”, а Србија, за возврат, се спротивставува на притисокот на ЕУ за воведување санкции кон Русија поради агресијата во Украина.

Во анализата наменета за внатрешна употреба и за информирање на ЕП се вели дека „Брисел ја критикуваше одлуката на Србија да потпише трговски договор со Евроазиската унија”, истакнувајќи дека секој билатерален трговски договор со трети земји мора да биде раскинат со членството на Србија во ЕУ.

-Покрај тоа, Србија е исто така основач на иницијативата 16 + 1 помеѓу Кина и земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа. За Кина, Србија преставува клучен транспортен коридор и енергетски центар, се наведува во анализата.

Аналитичарите на ЕП како причини за загриженост ја неведуваат соработката меѓу Србија и Кина во програмата за развој на воените беспилотни летала.

Се проценува дека „геополитичката ориентација на Србија е сè повеќе нејасна”, повикувајќи се на информации за патроли на кинеската полиција на улиците во Белград и стотици камери поставени во рамките на проектот „Безбеден град”, што се спроведува во соработка со компанијата Хуавеј.

-Недостатокот на транспарентност во врска со кинеските инвестиции создава загриженост кога станува збор за посветеноста на Србија за спроведување на правилата за конкурентност на ЕУ, државната помош и јавните набавки- се заклучува во анализата.

Аналитичарите за потребите на ЕП укажуваат на фактот дека парламентарната резолуција за Србија од 2018 година ја критикуваше воената соработка на Србија со Русија и дека Србија е повикана да се усогласи со надворешната и безбедносната политика на ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот