ЕП 2020, Алушовски: Да бидеме позитивни, можеме да ја победиме Австрија со два разлика!

фото: vardarfans.mk/

Новиот стратег на „црвено-црните“ вели дека поразот од Чешка не треба да ги обесхрабри нашите репрезентативци кои имаат квалитет да го надиграат домаќинот.

Во тек се репрезентативните обврски, погледите полека ќе се насочуваат и на клупски план, а македонскиот и европски ракометен шампион денеска го имаше првиот собир со кој започнаа и подготовките за вториот дел од сезоната.

Новиот тренер на Вардар Стевче Алушовски напладне ја имаше првата прозивка во СЦ „Јане Сандански“, со исклучок на оние ракометари што се наоѓаат со своите репрезентации на ЕП во Шведска, Австрија и Норвешка, значи без Стоилов, Дибиров, Горбок, Атман, Шишкарев, Калараш, Кугис и Криштопанс.

Сите останати се му на располагање на Алушовски, а помеѓу нив е и бразилското засилување кој се опоравуваше во првиот дел од сезоната поради повреда и во добра атмосфера ги очекува првите официјални натпревари, Жозе де Толедо.

фото: Слободен печат

– Вардар имаше добар почеток на сезоната, но потоа имаше големи малери со повредени играчи, дел од носителите на играта подолг период беа надвор од составот. Тоа се одрази на играта и резултатите. Јас сум среќен што сум во Вардар, што ќе работам со оваа група на играчи, ракометари кои според мене се големи победници кои што сакаат да победуваат. Ќе направиме сè да го вратиме Вардар на патеките на кои заслужува да биде, ние сме европски шампиони. Секако со нас се и фановите,  сум бил дел од Вардар, знам што значи да се игра пред верните „Комити“, знам каква е атмосферата – ни изјави Алушовски.

Настапот во Лигата на шампионите Вардарци треба да го продолжат на 5 февруари во Германија против Кил. Потоа, на 15 февруари во Скопје доаѓа Мотор Запорожје, па на 22 февруари гостуваат кај Порто и во последното 14 коло се домаќини на Монпелје.

фото: ehf-euro/Uros Hocevar/kolektiffimages

Со големо внимание Алушовски, кој е поранешен репрезентативец на Македонија, ги следи настапите на нашата селекција на ЕП 2020. После стартниот триумф над Украина и поразот од Чешка, во вторник (14. јануари, 18.15 часот) во Виена ќе мора да се оди на триумф во последното трето коло од прелиминарната фаза против Австрија.

– Репрезентативците треба да бидат позитивни, поразот од Чешка не треба да ги обесхрабри. Ние имаме уште шанси на евро шампионатот да обезбедиме пласман во главната фаза со два бодови. Мислам дека сме поквалитетна репрезентација од Австрија, без разлика што ќе играме пред нивните навивачи. Имаме квалитет и селекција која што може да победи со два разлика на мечот од третото последно коло против домаќините – додаде стратегот на „црвено-црните“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот