Енвер Малиќи стана почесен конзул на Мексико

Почесниот конзулат на Обединетите мексикански држави (Мексико) беше отворен со свечено интонирање на државните химни и врачување на мексиканското национално знаме. Почесниот конзулат ќе го предводи Енвер Малиќи, кој официјално ја презема титулата „почесен конзул“ на Соединетите мексикански држави во Република Северна Македонија.

Почесниот конзулат ќе работи на унапредување на соработката меѓу двете земји и ќе иницира заеднички активности во повеќе области. Свеченото отворање на почесниот конзулат го предводеше амбасадорот на Мексико, Марко Антонио Гарсија Бланко.

„Отворањето на почесниот конзулат е чекор напред во билатералните односи меѓу Мексико и Северна Македонија кои на 4 октомври ќе ја одбележат 18-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи. Односите меѓу двете држави и досега беа пријателски, но отсега соработката и заедничките активности ќе се продлабочат во интерес на двата народи. Со поддршка на Енвер Малиќи како почесен конзул, убеден сум дека ќе се развијат нови области на соработка и разбирање за да се прошират и зајакнат билатералните односи со плодни резултати за обете страни“, рече амбасадорот Гарсија Бланко.

Според Малиќи, пак, иако географски далечни, нашите земји споделуваат многу заеднички нешта, а почитта кон традицијата, силниот темперамент и борбата за човекови права и достоинство нè обединуваат.

„Мексиканското и македонското искуство е одлична основа за соработка и поголема размена на идеи што ќе ги зајакнат односите меѓу двата народа. Интензивирањето на соработката во различни сфери ќе биде еден од моите приоритети како почесен конзул, овде во Северна Македонија, но и во Мексико. Современите трендови во различни области на општественото живеење и бизнисот во двете држави можат заеднички да придонесат за подобри позиции во меѓународните односи и да промовираат развој и напредок“, изјави Малиќи.

На отворањето на почесниот конзулат на Мексико присуствуваа претседателот на Собранието, Талат Џафери, премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров, претставници на дипломатскиот кор, на бизнис заедницата и на повеќе институции.

Почесниот конзулат се наоѓа во комплексот „Парк резиденс“ во Скопје и ќе биде отворен секој работен ден од 8:00 до 16:00 часот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот