Енергетска криза: Ќе има пари за посиромашните граѓани, фирмите останаа „заборавени“

ЕВН - ЕЛЕМ струја светилки (3)
ЕВН - ЕЛЕМ струја / Фото: Слободен пешат / Драган Митрески

Со 65 милиони евра, одвоени од Буџетот, со прогласувањето на енергетската криза, треба да се обезбеди стабилно снабдување со електричната енергија. Дополнително, во рок од две недели треба да се креираат мерки за дополнителни пари за заштита од енергетската сиромаштија за социјално-ранливите категории на население. Но, како што велат и од Организацијата на работодавачи на Македонија, во соопштението од Владата за прогласување на енергетска риза, компаниите никаде не се споменати.

– Ниту нѐ повикаа на средба, ниту побараа мислење од нас за евентуални мерки што би биле насочени кон компаниите во време на енергетската криза. На пример, компанијата од која доаѓам „Раде Кончар – сервис и поправки“, минатиот месец плати двојно повисока сметка за струја отколку претходниот – изјави за „Слободен печат“, Владанка Трајковска, претседателка на Организацијата на работодавачи на Македонија.

Струјата е влезен трошок во работењето на секоја компанија – некаде помалку, а некаде повеќе и влијае врз формирањето на цената на чинењето на производите и услугите, а со тоа и на профитабилноста на компаниите и во крајна линија и на платите на вработените.

Во однос на енергетската сиромаштија, сега  додаток од 1.000 денари за справување со енергетската сиромаштија примаат над 44.000 домаќинства. Тука влегуваат оние домаќинства кои примаат минимален гарантиран доход, како и повозрасните граѓани кои примаат социјална пензија. Според соопштението од Владата, Министерството за труд и социјална политика, во координација со Министерството за економија, во рок од 15 дена треба да подготват мерки за поддршка на социјално ранливите категории за да користат дополнителни средства за заштита од енергетска сиромаштија.

Две недели доби и државната компанија под чија капа се државните енергетски капацитети – Електростопанство на Северна Македонија (ЕСМ) да состави пакет со нивни активности за справување со енергетската криза. Според најавите од ЕСМ, од 1 декември треба да почне со работа ТЕЦ „Осломеј“, се подготвува за работа и ТЕЦ „Неготино“, а нареднава недела треба да заврши техничката евалуација на понудите за јаглен за РЕК „Битола“. Од друга страна, ТЕЦ „Битола“ која има три блока работи со еден блок, еден е во ремонт, а еден по пожарот, може да проработи за една година.
Македонија.

„Со оваа одлука се овозможува да се преземат мерки и активности, вклучувајќи и финансиска интервенција за да се обезбедат дополнителни количини на електрична енергија, и се утврдуваат правата и обврските на државните акционерски друштва Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) и МЕПСО, како и на носителите на лиценци за вршење електроенергетски дејности. Постоењето на кризната состојба во снабдувањето со електрична енергија утврдена во оваа одлука ќе трае 30 дена од денот на влегувањето во сила на оваа одлука и со неа не се предвидени рестриктивни мерки“, соопшти Владата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот