Енергетска криза: Германците учат да готват без струја, кај нас добитната комбинација е шпорет на дрва

Замена на шпоретите на дрва со печки на пелети/ Фото: Општина Сарај

Со респект кон загадувањето, кој има шпорет на дрва не треба да се плаши од долгата зима и евентуалните рестрикции, велат граѓаните, кои „Слободен печат“ ги праша, како гледаат на потенцијалниот раст на цените на струјата и гасот и дали се плашат од можни редукции? Во последните години, поради кампањата за почист воздух, неколку илјади македонски семејства добија можност да ги заменат своите стари ќумбиња со инвертери, но сега дел од нив се прашуваат дали тоа не се случи пребрзо? Модерните времиња донесоа и модерни шпорети со рамна плоча, па во случај ако снема струја, единствен спас е плинското решо.

-Го дадовме стариот шпорет на дрва, со кој се греевме и готвевме. Сега имаме инвертер, тоа е почисто и поеколошки, но што ќе се случи ако цената на струјата драстично порасне или пак има редукции? На што ќе се грееме – прашува една жителка на скопската населба Лисиче.

Иако засега нема никакви најави за рестрикции и енергетските власти тврдат дека струја за домаќинства ќе има доволно и од домашните капацитети, трговците сведочат дека побарувачката на свеќи е малку зголемена. Засега во трговијата има доволно „светилки од восок“ и нивната цена се движи од 12 до 17 денари за парче или нешто над 300 денари за кутија.

Свеќите, пак, станаа дел од кампањата на властите на Северна Рајна Вестфалија која треба да ги подготви граѓаните за евентуалниот недостиг на струја, објави порталот Ало.рс. За тоа се ангажирани инструктори кои ќе ги подготвуваат жителите на Бон, како да се осветлуваат со свеќи и како да готват без струја! Дури е подготвено и кусо видео во кое се наговестува како ќе изгледа обуката. Ова не е случајно, бидејќи Германија најмногу се потпира на природниот гас, па иако ветерната енергија во последните години е најголем производител на струја во Германија, нејзиниот удел опадна во првата половина од годинава, поради отсуството на ветер во ветропарковите.

Реномираниот Блумберг, наведува дека поради енергетската криза во Европа сега на цена повторно е јагленот, иако беше зацртано тој да се избрише како енергенс до 2030 година.

– Во Европа има огромен недостиг на природен гас, па континентот, кој е пионер во борбата против емисијата на ЦО2, повторно се врти кон јагленот за да ја задоволи побарувачката од електрична енергија, која сега се врати на нивото пред пандемијата. Употребата на јаглен на стариот континент, годинава порасна од 10 до 15 отсто – пишува Блумберг.

Хрватските домаќинства ќе поставуваат соларни панели, а струјата ќе ја продаваат

Новиот Закон за пазарот на електрична енергија, изгласан во хрватскиот Сабор во септември, меѓудругото овозможува вградување на соларни електрани на крововите на зградите со повеќе станови, со што граѓаните би произведувале струја за сопствени потреби, а вишоците би ги испорачувале во електричната мрежа.

Првата заедничка соларна електрана е изградена во Словенија пред две години во Јесенице, а е поставена на кровот на зграда со 23 станови. Според хрватските медиуми, вредноста на оваа инвестиција била 36,4 илјади евра, а очекуваниот поврат е 7 години, со годишна заштеда од 4,5 илјади евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот