Енергетика: Кинеската криза е закана за долгорочни нарушувања на глобалниот синџир за достава

Луѓето работат на турбина на ветер во фабриката Хаили во Рудонг, провинцијата Џианг су во Кина, Фото: EPA-EFE/ALEX PLAVEVSKI

На сопствениците на фабрики во Кина и на нивните клиенти низ целиот свет им е кажано да се подготват за прекини во снабдувањето со електрична енергија, кои ќе станат дел од секојдневието, бидејќи претседателот Сји Ѓинпинг тргна во проектот енергетски да ја реформира втората по големина светска економија од нејзината зависност од јаглен.

Месечниот недостиг од струја го прекина напојувањето на домаќинствата во североисточниот дел на Кина и предизвика прекини на производството во фабриките низ целата земја. Но, побарувачката за енергија сѐ уште расте во услови на рекордна побарувачка за кинески извоз, а проблемите ќе се зголемат со доаѓањето на ниските зимски температури.

И покрај напливот од државни интервенции од централната влада, предводени од премиерот Ли Кечијанг, од кинеските производители и од мултинационалните компании се бара да ја зголемат енергетската ефикасност во нивните фабрики и да ги забрзаат инвестициите во обновлива енергија.

„Труаналог стриктли ОЕМ“, фабрика за производство на звучници во близина на Гвангџоу, е симболична за кризата што веќе ги погодува извозниците од честите прекини. Сопственикот Филип Ричардсон вели дека неговата компанија е заглавена „играјќи израмнување“.

– Тоа е домино ефект кога ја прекинувате електричната енергија: директно влијае врз производствената линија, мораме да го ресетираме жигувањето. Тоа отстранува 20 до 30 проценти од продуктивноста од денот. Навистина е мака – вели тој.

Вил Џонс, главен оперативен директор за Британската трговска асоцијација за подобрување на домот, рече дека една третина од членовите во секторот „сам свој мајстор“ и во градинарството пријавиле дека добавувачите го продолжиле своето време. Ефектот, како што рече Џонс, е дополнителен инфлациски притисок и поширок опсег на недостиг на производи.

– Ова има влијание врз и онака многу предизвикувачката ситуација за добавувачите со ограничувања во достапноста на просторот за контејнерските бродови и спиралните трошоци – истакна Џонс.

Кинеската влада презеде краткорочен прагматичен пристап за решавање на недостигот на енергија со враќање на „валкани горива“, и покрај долгорочните ветувања за намалување на користењето на јагленот.

Во текот на минатата недела владата нареди брзо проширување на рудниците за јаглен. Таа исто со декрет нареди сеопфатни реформи на пазарот, принудувајќи ги сите производители на електрична енергија на јаглен да продаваат на пазарот на големо, дозволувајќи цените на електричната енергија да пораснат за дури 20 проценти, а ги укина ограничувањата на цените за некои големи корисници.

Реформите на пазарот се „огромен чекор“ кон либерализација на енергетскиот сектор, вели Дејвид Фишман, енергетски аналитичар во групацијата „Лантау“.

Меѓутоа, акциите на владата не се очекува веднаш да стават крај на прекините во снабдувањето со електрична енергија.

– Многу компании беа навистина изненадени од интензитетот на недостигот. Но, тие мораа да признаат дека можеби тој ќе се повтори кон крајот на годината – смета Томас Луеди, експерт за енергетика со седиште во Шангај, во консултантската компанија „Бејн“.

Луеди додаде дека зголемувањето на цените на енергијата брзо ќе принуди некои производители да го намалат производството, обезбедувајќи одредено олеснување на заладената електрична мрежа.

– Неефикасните производители може да паднат од карпата – рече тој посочувајќи ги како најверојатни рани жртви производителите од помали размери на материјали за топење, како што се фероманган и металуршки силикон.

Во Гвангдонг, најголемиот производствен центар во Кина, високи официјални претставници рекоа дека речиси 150.000 компании биле погодени од недостиг на енергија минатиот месец, изјавија за „Фајненшл тајмс“ луѓе запознаени со владиниот брифинг.

Признавајќи дека проблемите не можат да се решат веднаш, службениците во Гвангдонг приватно предупредија дека рационализацијата веројатно ќе продолжи. Тие, исто така, ги поттикнаа компаниите да користат сопствено производство на електрична енергија, што веројатно значи уште поголема употреба на дизелот за производство на енергија.

– Многу компании ќе се вратат на сопствените генератори. Некои од нив се нелегални. Ќе мора да ги доградат, но тоа е многу побрзо отколку да се отвори електрана – вели бизнисмен во јужна Кина, кој побара да остане анонимен.

– Недостигот елиминира 30 до 40 проценти од времето на работа и трговските компании го трпат истиот недостиг – вели тој додавајќи дека кризата со електричната енергија „нема да исчезне утре“.

Ричардсон, сопственик на фабриката, се приклучи кон рестартирање на дизел-генераторите, и покрај петкратното зголемување на трошоците, за да може да ги испрати своите звучници до клиентите во Европа и во САД. Тој, исто така, донесе привремен персонал за ноќни смени и се насочува кон авионскиот транспорт, со повисока цена, како решение за запуштените пристаништа.

Дури и компаниите добро поставени за да имаат полза од мерките на владата – какви што се оние што продаваат рударски услуги и дополнително производство на електрична енергија – се соочуваат со проблеми да ја искористат можноста.

Нејтан Стоунер, кој ги води кинеските операции на „Каминс“, американска групација за рударство и енергетика, рече дека „иако постојат некои можности“, работата на компанијата била ограничена од прекини на струја што ги погодиле фабриките и добавувачите на компоненти.

Во Британија, Стив Леви, управен директор на малопродажбата „Хит аутдорс“, вели дека сите негови кинески снабдувачи со греалки и сушалки за раце, главно со седиште во Џијангсу и Гвангдонг, претрпеле делумно неделно исклучување. Времето на испорака од еден кинески снабдувач скокна на шест месеци, од четири месеци за време на поголемиот дел од пандемијата и 10 недели пред да се појави коронавирусот.

– Не можам да донесам одлука за април, бидејќи немам поим каков би бил пазарот тогаш –  рече Леви.

Луиди од „Бејн“ предупредува дека луѓето не треба да бидат „измамени“ од кинеското враќање на јаглен, како обид за надминување на кризата.

– Линијата на трендот е јасна. Но, имате голема нестабилност околу трендот – рече тој.

– Треба само да имате уште неколку процентни поени на економски раст и тоа може да го заштити системот привремено од удар – нагласува Лауди.

 

Извор: Фајненшал тајмс

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот