Емотивен крик за слобода на сите народи со „Набуко“ на 51. Мајски оперски вечери

Бурен и долготраен аплауз добија сите што учествуваа во изведбата на „Набуко“ / Фотографија: Марко Угарковиќ

Со звуците на „Триумфалниот марш“ од Вердиевата „Аида“, со палењето на фестивалскиот оган, кој го запали маестро Томислав Шопов, и со фантастична изведба на операта „Набуко“ од Џузепе Верди на 9 мај во Националната опера и балет беа отворени 51. Мајски оперски вечери.

Вистински празник за сите сетила беше изведбата на операта „Набуко“ на отворањето на 51. Мајски оперски вечери. Свечениот момент што го наметна долгогодишната традиција, грандиозната структура и комплексната тематика на Вердиевото дело, врвниот естетски влог на уметничката екипа, како и максималната посветеност и силни емоции на сите изведувачи на операта резултираа со фантастична изведба и бурен и долготраен аплауз од публиката.

Министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска, во своето обраќање пред присутните, премиерната изведба на операта „Набуко“ од Џузепе Верди ја поврза со 9 Мај, Ден на победата над фашизмот и Ден на Европа.

– Библиската старозаветна приказна за покорените и протерани Евреи од својата татковина и силината на музиката на „Набуко“ се како копнеж, крик на сите народи за слобода и обединување во траен мир. Зашто Набуко не е единствениот низ историјата кој безразумно урива, поробува и убива. За жал, такви ликови имало и ги има. И ним уметноста никогаш не им била на срце. За среќа, не ѝ се ни тие на срце на уметноста – рече министерката Костадиновска-Стојчевска.

Фестивалскиот оган го запали маестро Томислав Шопов / Фотографија: Марко Угарковиќ

Годинава фестивалот е во знакот на одбележувањето на 210-годишнината од раѓањето на Џузепе Верди, а „Набуко“ во НОБ ја постави екипа од Италија. Во поставувањето на операта учествуваа диригентот Даниеле Аџиман, режисерот Ренато Бонајуто, сценографот Флавио Арбети, костимографот Артемио Кабаси, како и асистентката на режија Тереза Гаргано.

Во изведбата на операта учествуваа солистите Марјан Јованоски во улогата на Набуко, Злата Тошевска како Абигаиле, Ирена Кавкалевска (Фенена) и Игор Дурловски, кој првпат настапи во улогата на Захарија. Како солисти во операта настапија и Зоран Сотиров, Диме Петров, Катерина Стојановска и Јане Дунимаглоски.

Комплетната реализација беше дело на оркестарот, хорот и женскиот дел од балетот на Националната опера и балет, а учествуваа и ученици од балетскиот оддел при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“.

Солистичката екипа на операта „Набуко“ / Фотографија: Марко Угарковиќ

На програмата на фестивалот се шест претстави, од кои четири се на дела од Џузепе Верди („Набуко“, „Травијата“, „Реквием“ и „Аида“), една опера е од Жорж Бизе („Кармен“) и балетот „Лебедово езеро“ од П. И. Чајковски.

Следна на програмата, на 17 мај, е операта „Кармен“ од Жорж Бизе. Во атрактивната солистичка екипа настапуваат гостите Љубица Вранеш (Србија), Иван Момиров (Бугарија) и Џанлука Фаила (Италија), додека од домашните изведувачи настапуваат Дешира Ахмети – Крлиу, Катерина Стојановска, Марика Поповиќ, Драган Ампов, Дејан Стоев и Ернес Ибраимовски.

Во изведбата учествуваат хорот, балетот и оркестарот на Национална опера и балет и детскиот хор „Пиколо“ при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје под раководство на Весна Димчевска. Диригент на операта за страста, љубомората и интригата е Даниеле Аџиман од Италија, додека режисер е Нина Најденова од Бугарија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 178, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14.5.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот