Ема Робертс: Од тинејџерски години се борам со ендометриоза

инстаграм

Младата актерка сега е пред нова животна улога, да стане мајка. Но, како што открива, работите воопшто не биле едноставни и поминала низ многу стравови и лични битки додека успеала.

Патот во светот на филмот го започна на шест години, и иако многумина тврдеа дека благодарение на славното презиме Робертс (татко ѝ е Ерик Робертс, а Џулија ѝ е тетка), успехот ѝ бил загарантиран, оние што навистина ја познаваат Ема ќе кажат дека тоа е далеку од вистината. Или можеби е делумна. Со оглед на потеклото, можеби полесно ѝ се отворија вратите во Холивуд, но сè што постигна досега е благодарение на нејзиниот труд.

Instagram

Оние што ја познаваат, велат дека е силна жена, приземна, секогаш тука за пријателите, обожава да чита книги, а кога станува збор за кариерата, внимателно ги избира проектите во кои ќе се појави. Така беше со последниот нејзин филм „Празничен состанок“, кој е нешто сосема поинакво од хорор-филмовите и серии на кои работеше досега, како „Американска хорор-приказна“ и „Ловот“. 

„Кога го добив сценариото и го прочитав, си реков: „Ова е тоа што сакам да го работам. Сакам да снимам ваков филм.“ Тој е носталгичен, романтичен и забавен. Сакам сериозни филмови, но некогаш сакам да се смеам до солзи и да гледам ист филм 10 пати по ред“, вели Ема, која во моментов се подготвува за нова улога, но оваа е реална и значи исполнување на нејзината најголема желба, да стане мајка.

Instagram

„Интересно е тоа што иако наскоро ќе наполнам 30 години, луѓето сè уште ме гледаат како да имам 19. Не знам дали е тоа бидејќи пораснав како „внуката на Џулија Робертс“ или затоа што се занимавам со оваа работа од многу мала, па луѓето ме перципираат како помлада. Секогаш постоела разлика меѓу тоа каква сум приватно и професионално. Во Холивуд публиката е таа што решава која си и дали ќе те прифати или не. Тоа е навистина сурово. Но јас не се занимавам со тоа, туку го живеам својот живот и уживам во него. Сè уште секојдневно учам и се развивам како личност“, изјавува Ема и додава дека е пресреќна што конечно ѝ се исполнила големата желба да стане мајка. Имено, таа со момчето Герет Хедлунд го очекуваат раѓањето на првото дете. Но, работите не оделе според планот, односно Ема открива дека морала да се бори со ендометриоза од тинејџерски години, а оваа состојба се одразила и врз нејзината плодност.

instagram

„На 16 години се гледав себеси на 24 години мажена со дете. На 24 се присетив на тоа, но поради обврските и постојаните патувања, не можев да ја реализирам желбата. Кога решив дека е време да се посветам на мајчинството, ми открија дека имам ендометриоза. И тоа сум го имала уште како тинејџерка. Тогаш се соочив со големи стравови, почнав да читам за стерилитет, спонтани абортуси, проблеми со забременување и сфатив дека не сум сама во тоа. Многу жени се соочуваат со истото. И колку и да звучи како клише, во моментот кога престанав да размислувам на таа тема, дознавме дека сум бремена. И тогаш имав некои стравови, дека може да тргнат работите во погрешна насока, затоа им кажав на партнерот и на семејството да не прават големи планови додека не се породам. Оваа бременост ме натера да сфатам дека најдобро е кога работите се случуваат непланирано“, вели таа и додава дека сега, кога поради бременоста нема ангажмани, конечно има можност да се одмори и да си се посвети себеси.

Ема Робертс, фото Фејсбук



„Работам од многу мала и мислам дека од 12 години не сум имала можност да се посветам  себеси, да уживам во секој ден. Некои денови се вистинска борба, но оваа година за сите е тешка и напорна. Верувам дека сите ќе научиме нешто од ова што ни се случува. Јас сфатив колку ми значи грижата за себе, личната среќа и здравјето“, завршува Ема.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот