Ем вработени, ем сиромашни

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Дури 7,9 отсто од вработените, пет дена (минимум) секое утро одат на работа, таму поминуваат третина од својот живот (8 часа дневно), имаат работен ангажман за некого (за државата, за приватен работодавач или се самовработени), а сепак не можат ниту нормално да се прехранат, а не пак да си дозволат нешто повеќе.

Кога се зборува за сиромаштија обично се мисли за невработени луѓе, или за вработени во неформална економија каде што извршуваат некои ниско доходовни или повремени работи. Но, европските и светските статистичари не ја перцeпираат така сиромаштијата. Во ризик од сиромаштија живеат и тие што пет дена неделно (минимум) одат на работа, таму проминуваат третина од својот живот (8 часа дневно), имаат работен ангажман за некого (за државата, за приватен работодавач или, пак, сами за себе – како самовработени), а сепак не можат ниту нормално да се прехранат, а не нешто друго да си дозволат. Тие се лесна цел на уште поголемо осиромашување. Доволно е да им се случи некоја „несреќа“, на пример да им се расипе шпоретот, или бојлерот. Зашто, овие луѓе немаат „вишок“ пари за непредвидени ситуации, па ни многу избор – или да останат без зготвена храна или да се задолжат, со што уште повеќе ќе бидат гладни, отколку сити. Според Државниот завод за статистика, во 2020 година така живееле 7,9 проценти од вработените!

Статистичарите секоја година објавуваат резултати од обемна анализа за пресметување на Лаикенските индекси на сиромаштија, согласно препораките на Европската Унија, а во петокот ги објавија новите податоци кои ни удрија шлаканица во лице. Според анкетите и пресметки, во Македонија во 2020 година под прагот на сиромаштија живееле дури 452.000 луѓе, или 21,9 отсто од вкупниот број жители. Очигледно, овој податок нe може да се земе здраво за готово затоа што е пресметан на население од два милиона жители – новите податоци од пописот од 2021 година покажуваат дека има 1.836.713 граѓани – но факт е дека ја открива лошата состојба со животниот стандард во земјава.

Според податоците, 22 отсто од самечките домаќинства за цела година имаат приход помал од 110.000 денари (тоа е нивниот праг на сиромаштија утврден според директиви на ЕУ), потоа 18,4 отсто од четиричлените семејства (на возраст под 64 години) за цела година имаат приход помал од 231.210 денари, односно околу 19.000 денари месечено. Но, она што особено загрижува е прагот на сиромаштијата кај младите до 18 години. Кај нив стапката е најголема – во сиромаштија живеат 30,3 проценти. Активното работоспособно население на возраст од 18 до 65 години е со стапка на сиромаштија од 21,1 процент, додека кај оние над 65 години стапката на сиромаштија е 13,4 отсто. Меѓу нив, 7 отсто од пензионерите се сиромашни.

Во земја со вакви бројки има уште многу да се работи за да се намали сиромаштијата. Механички, со социјални трансфери, сиромаштијата е многу ублажена. Да ги немало тие мерки таа би била 41,1 процент. Но, тоа не е решение за проблемот. Тој треба да се сосече во корен. И за таа работа има многу поразителни статистики. На пример, од вкупниот број на граѓани кои активно бараат работа преку Агенцијата за вработување (секој месец се пријавуваат 125.907) дури 73.023 немаат никакво образование, или имаат само основно! Потоа, Државниот завод за статистика покажува дека 795.087 граѓани имаат некаква работа од која нешто заработуваат, но податоците од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување покажуваат дека има само 571.963 осигуреници за кои се плаќа пензиско осигурување, просечната плата во државава во февруари (последни објавени податоци) била 29.839 денари, но дури на 80.000 вработени заклучно со фервруари мимнималната плата им беше 15.200 денари.

Рибата смрди од главата…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот