Ем се бараат „кртовите“ на Мијалков, ем пак течат информации

Скопје, 26 февруари 2021 / Фото: Драган Митрески - СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.

Во изминатите денови се вртеа различни теории околу тоа кои би можеле да бидат „кртовите” што го предупредиле Сашо Мијалков дека обвинителите ќе бараат притвор за него. Надлежните беа согласни дека тие би можеле да бидат и од МВР, и од АНБ, и од Обвинителството, и од Кривичниот суд, со оглед дека одреден број лица во тие институции имале достап до добиените индиции, односно до барањето проверка на индициите за можно бегство на Мијалков.

По прашањето како можел тој да стане недостапен за полицијата, одговорот засега „виси“ меѓу контрадикторни информации околу времето кога го изгубиле „визуелниот контакт“ со Мијалков оние што требало прикриено да го набљудуваат. Според еден податок, контактот бил изгубен уште кога се мислело дека тој излегува со возилото од гаражата на хотелот на „Мериот“, а всушност не се гледало кој седи зад затемнетите стакла на возилото. Според други информации, контактот бил изгубен по неговото враќање во домот на Водно – станбен објект поставен помеѓу две улици, односно со можност за негово напуштање и од друга страна. Дали бил набљудуван и другиот излез, или полицијата верувала дека тој е дома само поради сигналот на неговиот телефон, како и одговори на ред други прашања, треба да даде предистражната постапка за овој случај.

Во корист на штетата

Дали ќе биде лесно? Не – вели обвинител во разговор за ДВ, потенцирајќи дека обидите за медиумска и нечија друга ексклузивност во третирањето на оваа тема може да нанесат штета на обидите за расветлување на настаните. Критиката се однесува на дистрибутерите на двете доминантни теории: едната дека побегнал во Белград, и другата – дека се криел на Водно во вила на пријател и бизнис партнер. Но, критиките се насочени и кон односот на некои институции, односно кон службени лица кои имале допир со информациите.

„Секој кој поседува информации од значење за предистражна постапка која ја води Јавното обвинителство, потребно е без одлагање информациите да ги сподели со обвинителството. Крајно неодговорно е објавувањето на теории за случај без претходно тие да се споделат со обвинителството, бидејќи под претпоставка да се вистинити, нивното јавно објавување може да наштети на предистражната постапка и да доведе до уништување на докази. Подеднакво неодговорно и крајно непрофесионално е споделување на детали од предистражната постапка и информации од страна на службени лица кои имале допир со информациите. Предистражната постапка е тајна и единствено јавното обвинителство може да одлучи што и во кој момент ќе биде соопштено на јавноста“, вели нашиот соговорник од обвинителството.

Меѓупартиски обвинувања

Случајот од висок профил и со широк опфат (имајќи ја предвид бројката на лица кои станале жртви на незаконско прислушкување – над 20.000 лица), максимално го апсорбираше вниманието на домашната јавност. Теории за случајот има многу, за што сведочи и употребуваната терминологија за недостапноста на Мијалков на полицијата, и пресвртот потоа: изолирање/пријавување; исчезнување/појавување; бегање/враќање; испратен/вратен.

Но, теории не се појавуват само во медиумите и на социјалните мрежи, туку и во меѓупартиски вербални пресметки. Владејачкиот СДСМ посочи дека „во последните неколку недели, високи претставници на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои Христијан Мицкоски, Александар Николовски и Влатко Ѓорчев, често биле во хотелот ‘Мериот'”.

„Дали во Мериот имало и други средби, со Сашо Мијалков на пример, најповикан е да одговори Христијан Мицкоски. Зошто од толку хотели во главниот град, се организираат партиски настани на ВМРО-ДПМНЕ и УМС токму во ‘Мериот’ нека ценат граѓаните. Можеби поради долгот на Мицкоски кон Сашо Мијаков, кој заедно со Груевски го стави на чело на ВМРО-ДПМНЕ? Јасно е дека спрегата ‘Мериот’-Белата палата се’ уште раководи со ВМРО-ДПМНЕ. Правдата и силната реакција на институциите го спречија сценариото на Мицкоски, Груевски и Мијалков“, обвинија од СДСМ.

„Единствената средба за која знаеме е таа на Заев-Мијалков, каде Заев му ветуваше слобода, за возврат бараше креирање на проблеми во ВМРО-ДПМНЕ“, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ.

Во реакцијата на партијата се објаснува дека настанот во „Мериот“, во кој СДСМ ја посочува Унијата на млади сили (УМС), е организиран од шведска фондација.

„Ако СДСМ има нешто против меѓународната заедница и Шведска нека каже. Настанот во хотелот ‘Мериот’ е организиран од страна на шведската фондација Јарл Халмарсон, која ја поддржува ВМРО-ДПМНЕ и помага при градење на кадри и политики. Доколку СДСМ има проблем со тоа, нека каже. Да се прашуваше Зоран Заев, Сашо Мијалков се’ уште ќе беше на слобода и сега заедно ќе правеа вештачки кризи во ВМРО-ДПМНЕ, за да ја спасат фотелјата на Заев и да ја купат слободата на Мијалков. Криминалот повеќе не поминува. Одговорност ќе има. Во СДСМ тоа го знаат и затоа се нервозни“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Преземено од Дојче Веле

[sc name=”dw” ]

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот