Ем нема возачи ем нафтата е скапа, па и газдите се фатија за волан

камиони транспорт
Фото: илустрација / архива на „Слободен печат“

Во однос на „тесните грла“ на Отворен Балкан, Муратовска вели дека откако поминаа летните застои на границите, сега горе-долу протокот е побрз, но работите сè уште не се средени сосема

Скапата нафта и недостигот од возачи го редуцираа транспортот и ги натераа газдите да се „фатат“ за волан. Ако некој имал десеттина камиони, сега повеќето од половината му се паркирани, вели за „Слободен печат“ Билјана Муратовска од „Макам транс“.

– Секој се труди да ги намали трошоците во криза, па дел од колегите што имаат повеќе камиони почнаа и самите да возат. Кризата со доливот на работна сила во браншата е неколкугодишна, а во моментот во светот има недостиг од 2 милиони возачи. Товарниот патен превоз е една од најкритичните алки во синџирот на снабдување, особено што превозот на стока по сувоземен пат е 96 отсто, споредено со другите начини на превоз на стока. Во изминатиот период постојано се зголемуваат цените на нафтените деривати што учествуваат со голем процент во цената на превозот (од 45 до 60 отсто), но за разлика од трговците, превозниците имаат голема мака да издејствуваат минимални покачувања на цените за превоз – објаснува Муратовска.

Уште на почетокот на годината, Здружението повторно побара по принципот на другите држави, да се направат соодветни законски измени и да се овозможи рефундација на акциза за превозните трговски друштва како долгорочна мерка.

– Предложивме имплементација на слични политики што ги следат земји членки на ЕУ и други за да се зајакне секторот за товарен превоз и синџирот на снабдување – велат од „Макам транс“.

Во однос на „тесните грла“ на Отворен Балкан, Муратовска вели дека откако поминаа летните застои на границите, сега горе-долу протокот е побрз, но работите сè уште не се средени сосема. Таа посочува дека и натаму имаат проблеми со нелегалното уфрлање на мигрантите во камионите. Тоа е најизразено на граничниот премин Бајаково, Хрватска.

– Плаќање високи парични казни од над 4.800 евра (во Хрватска), притвор и долгите судски постапки за докажување невиност во превоз на мигранти иако немаат инволвираност, се чест проблем на превозниците во товарниот превоз. Стравот за такво нешто е секојдневие во нивното возење кон западноевропските држави.  Возачите користат платени паркинг-плацеви таму каде што ги има, но и простори на бензински станици направени за таа намена. Мигрантите ја оштетуваат царинската сајла, ја сечат церадата, а превозниците што имаат ЦМР-осигурување наидуваат на проблем кај осигурителните компании, кои самите си толкуваат дека оштетена стока со влез на мигранти во товарниот простор не може да се третира како одговорност на превозникот – објаснува Муратовска. Превозниците неосновано се казнуваат и делумно во Грција и во Англија, иако полициските записници што се прават со истрага на самото место јасно укажуваат дека нема инволвираност на превозникот и на возачот во чинот на превоз на мигранти.

Обезбедени дополнителни 1.550 транспортни дозволи

Министерството за транспорт и врски обезбеди дополнителни 1.550 транспортни дозволи за Турција, Италија и Бугарија. За следната година се зголемува бројката на годишни ЦЕМТ за 240 повеќе од оваа година, односно за 264 месечни ЦЕМТ дозволи повеќе.

Република Северна Македонија оваа година за првпат доби и 3 илјади транспортни дозволи преку Организацијата за црноморска економска соработка, со што се создадоа услови за олеснување на транспортот во земјите од Црноморскиот регион.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот